Нов кум од Бугарија: Бивш амбасадор во Скопје е за Нова Македонија

Александар Јорданов, поранешен бугарски амбасадор во Скопје, е последен во долгата низа политичари, аналитичари и други јавни лица во Бугарија за кои западниот сосед најсоодветно е да се преименува во Република Нова Македонија.

„Едно такво име би кажало дека некаде во историјата има Македонија, но таа сега се наоѓа во три држави, а сега е создадена една нова држава од четврт век и оваа нова држава е дел од територијата на областа Македонија, но таа е нова“, објасни Јорданов во денешната утринска емисија на „Бугарија он ер“.

Според него, сè се врти околу името со географска одредница и токму тоа е проблем, бидејќи државите избегнуваат да си стават географски имиња.

„Една географска област не може да биде дел од територијата само на една држава, па затоа Грците и мислат дека во името на Македонија има иредентизам, то ест опасност дека во еден момент во таа држава ќе се појават политичари што ќе покажуваат претензии кон соседната држава на база на тоа географско име“, смета тој.

Јорданов е против предлозите „Горна Македонија“ и „Северна Македонија“, токму на линија на бугарскиот државен врв, кој во нив ја препознава и Пиринска Македонија, која е дел од Бугарија.

„Ако таа се нарече Горна Македонија, Грците си го решаваат проблемот, но треба да знаеме дека во тој дел влегуваат Благоевград и Ќустендил. Истото се случува и ако името е Северна Македонија“, вели тој.

 

SHARE