Во источниот дел на Република Македонија, во село Куклица, Кратовско, се наоѓа геолошкиот резерват “Весела свадба”, кај народот познат уште како Куклици, Кукли и Пијани сватови.

Геолошкиот резерват “Весела свадба” е ремек-дело на природата. Но, кај народот постои легенда за скаменетите сватови. Има легенда кажана од Стојан Јанков Токмак, како и од браќата Драгомир и Мирон од с. Куклица, кои ја чуле од нивните баби Перса и Това. Во селото Куклица живеел градител, мајстор – ѕидар на куќи. Бил голем мајстор, а воедно бил и голем лажго. Решил да се жени. Во селото имало Горно и Долно маало. Мајсторот им закажал свадба на двете Стојанки во ист ден. Стојанка од Долно маало била многу богата – имале овци, говеда, афион, памук, коноп, но не била убава. Стојанка од Горно маало, пак, била сиромашна, но многу убава. Стојан се одлучил да се ожени со Стојанка од Долно маало. Кога слушнала тапани и гајди, Стојанка од Горно маало се зачудила зошто сватовите не дошле кај неа, па затоа решила да слезе во Долно маало и да провери што се случува. Ја видела свадбата и сфатила дека мајсторот решил да ја земе побогатата Стојанка. Тогаш ја фрлила клетвата: “Да даде Господ сите да се скамените, па макар и ти и јас” Во моментот кога младенците се бакнале, клетвата се остварила и сите свадбари се скамениле.

Скаменетите свадбари и денес сведочат за гневот и за болката на несреќната девојка. Селаните го викаат местото “Весела свадба” зашто сватовите останале насмеани, а младенците се скамениле во нежна прегратка. Поради овие скаменети “кукли” и местото го добило своето име – Куклица.

SHARE