Осудениот за изборен криминал Талат Џафери бара фер избори, минал 6 дена во притвор

Претседателот на македонскиот парламент Талат Џафери при објавување на терминот за локалните избори што треба да се одржат на 15 октомври побара од политичките субјекти и граѓаните да ги почитуваат законите а изборите за градоначалници да се спроведат во фер и коректна атмосфера.

Со тоа Џафери дефинитивно станува трансформирана личност која за 9 години успеа од сторител на кривични дела поврзани со изборите да стане заговорник на мирни и фер избори без инциденти.

Спикерот Талат Џафери во својата биографија има дамка за која што јавноста не е многу информирана а е поврзана со судска пресуда за изборни инциденти на изборите во 2008 година кога според истражувањето на „Балкан Инсајт“ е осуден откако против него е поднесена прекршочна пријава по член 13 од ЗППЈРМ – омаловажување или навредување службено лице на државен орган или друга институција која врши јавни овластувања.

Според пријавата Џафери на 01.06.2008 година пред основно училиште „Форино” во с.Форино-Гостиварско, спречувал и вербално омаловажувал овластено службено лице. Против него тогаш СВР Тетово поднесло кривична пријава и за сторени кривични дела „учество во толпа што ќе спречи службено лице во извршување службено дејствие” и „учество во толпа што ќе изврши кривично дело”, во врска со настанот од 29.05.2008 година кога по одржување на митинг на партијата ДУИ поголема група лица меѓу кои бил и пријавениот со сериозна закана по животите и насилно однесување кон полицајците бараа да се ослободат три лица кои претходно беа приведени поради сторено кривично дело кражба (еден полицаец бил телесно повреден).

Првостепениот суд во Тетово на 14.10.2010 година донел пресуда, дека сегашниот спикер на парламентот  е виновен за спречување на полицаец да интервенира.

Џафери бил осуден на условна казна од 6 месеци затвор, но казната не  ја издржувал во затвор затоа што во наредните две години не сторил друго кривично дело.

Талат Џафери се жалел на ваквата одлука, но Апелацискиот суд во Гостивар, ја одбил неговата жалба и ја потврдил претходно објавената пресуда. Во пресудата на судот во Гостивар стои дека во казната затвор од шест месеци, му се пресметува и времето од 13.06.2008 до 19.06.2008 година, што Џафери го поминал во притвор.

„Делото за кое е обвинет, Талат Џафери го извршил на крстосницата на улиците Маршал Тито и Видое Смилевски – Бато, кај тетовскиот Монопол (тутунски комбинат) на 29 мај, околу 21 часот“, изјавил тогаш јавниот обвинител од Тетово, Зулќуфли Ракипи.

„Со пресуда од 14.02.2011 година, Апелацискиот суд во Гостивар, ја одбива жалбата на обвинетиот Џафери и ја потврдува пресудата на тетовскиот суд“, рекол Ракипи за Балкан Инсајт.

Веднаш по инцидентот партијата на Џафери влезе во коалиција со ВМРО – ДПМНЕ а во новата влада формирана во 2008 година тој беше избран за министер за одбрана како предлот на мандаторот Никола Груевски.

SHARE