Пратеник од Костур: Ако не сакаме да се викаат Македонија, ќе треба да војуваме

Јоргос Ѕиманис, пратеник на владеачката СИРИЗА, им порача на сите во Грција што се спротивставуваат на компромис за името со Македонија дека друг начин за наметнување на сопствената волја е преку војна.

„Ако не сакаме Скопје да се вика Македонија, тогаш треба да одиме во војна. Нема друг начин за да ја наметнеме нашата позиција. За да ја наметнете својата волја на вашиот противник, треба да завојувате. Ако сакаме дипломатско решение, треба да седнеме на маса и да направиме компромис за некои работи. Или едното, или другото“, изјави за локална телевизиска станица пратеникот од Костур на партијата на премиерот Алексис Ципрас.

Според Ѕиманис, проблемот не е името, туку „иредентистичките амбиции на ПЈРМ“.

Прашан дали би прифатил зборот Македонија да биде содржан во името на северниот сосед, тој одговори: „Името не е главното прашање сè додека постојат иредентистички тенденции. Ако можеме да се ослободиме од иредентистичките тенденции под одредени услови, името Македонија би можело да биде од полза за нас“.

 

SHARE