Проф. Далибор Јовановски: Горна, Северна, Вардарска…само не Република Македонија

Посетата на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас помина со очекуваните резултати. Грција си ги постави своите услови и ги даде своите предлози, неколку имиња, според нив напишани на словенски јазик без право на превод.

Еден од проблемите на ова барање е на кој словенски јазик – на македонски, бугарски, српски, хрватски, босански, словенечки, чешки, словачки, полски, руски, украински, белоруски или пак на лужичкосрпски?

Тешко да се реши некој да одбере на кој јазик би било напишано името при ваков избор. Замислете ја руската или пак бугарската реакција.

Шегата на страна, но самиот факт што барањето е за словенски јазик без превод е доволно истото да се одбие спиред секој меѓународен критериум. Затоа е добра изјавата на нашиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, дека тешко ќе може да му објасни на својот народ решение со едно слеано име без превод.

Имињата кои циркулираа во грчките медиуми се Republika Nova Makedonija, Republika Vardarska Makedonija, Republika Severna Makedonija, Republika Gorna Makedonija I Republika Makedonija (Skopje).

Тоа што го знам е дека овие имиња се предлозите, но споени како Република Новамакедонија, на пример. Сите овие имиња се стари предлози уште од деведесеттите години на минатиот век и најчесто се грчки, доставувани преку олеснувачите. Инаку предлогот Новамакедонија како еден збор бил разгледуван во Атина уште во далечната 1996 година. Значи ништо ново.

Пред извесно време го запознав поранешниот грчки преговарач, Христос Захаракис. Господин, одмерен, луциден, интелекталец од големи рамки.

Вистински дипломат, на кој скоро секој збор му е одмерен. Захаракис во Грција има објавено свои мемоари кои се однесуваат на времето на неговата служба во грчката дипломатија. Мемоарите се добар извор за текот не разговорите или преговорите помеѓу Република Македонија и Грција околу грчкото непризнавање на нашето уставно име.

Тука ќе изложам само мал дел од предлозите кои биле доставувани како можно конечно решение, па читателите нека размислуваат до каде сме дојдени и зошто е тоа така.

Според мемоарите уште на почетокот од разговорите, Захаракис не информира за неколку имиња кои биле на маса.

Според него во игра биле Republic of Macedonia – Skopje, Macedonian Republic, Upper Macedonia, Northern Macedonia, Vardar Macedonia, Northern Macedonian Republic of Slavs and Albanians, Republic of Skopje, Republic of Nova Makedonija, Slav – Albanian Republic of Macedonia, Slavo- Makedonija, Central Balkan Republic of Macedonia, Republic of New Macedonia и други.

Тоа е во времето кога како олеснувач бил ангажиран познатиот американски дипломат Сајрус Венс.

Неколку години подоцна во Атина, во март 1996 година, на состанок со тогашниот премиер Симитис, Захаракис, изложил повеќе опции за решавање на проблемот. Тој ги поделил на неколку категории.

Според него една од опциите била според етничкиот критериум Славомакедонија или Славомакедонска Република.

Другиот критериум бил географска одредница – Вардарска Македонија, Македонска Република Вардар, Македонија Скопје, Македонска Република Скопје, Северна или Горна Македонија. А последен е временскиот критериум – Нова Македонија, Новамакедонија, Новомакедонска Република и Република Нова Македонија.

Според него Грција морала избегне решение со име Република Македонија/Скопје. Сите овие предлози биле со право на превод од, нели, словенски јазик на останатите.

Кога веќе го спомнавме предлогот Република Македонија/Скопје или Македонска Република Скопје, треба да се напомене дека според грчкиот дипломат, овој предлог не бил отфрлен од тогашниот министер за надворешни работи Теодорос Пангалос, кој сметал дека тоа е добро решение за брзо затворање на спорот, бидејќи Грција имала други погорливи прашања.

Многу поучно за денешните преговори. Грција има потешки проблеми на нејзините источни граници. Интересно е да се забележи дека според Захаракис името Република Македонија/Скопје било одбиено од страна на македонскиот преговарач.

Идентитетот на Македонците уште од самиот почеток на преговорите или разговорите помеѓу Република Македонија и Грција е предмет на грчко оспорување.

Во Мемоарите на Захаракис тоа може јасно да го забележиме. Еве еден момент. На една средба со нашиот преговарач Тошевски, Захаракис се осврнал и на македонскиот идентитет.

Имено, на забелешката на нашиот дипломат дека Македонците имаат етнички идентитет, а не географски како жителите на грчкиот дел од Македонија, Захаракис одговорил дека граѓаните на ПЈРМ се исто така Македонци бидејќи живеат на поширокиот греографски регион Македонија, но националностите се Словени, Албанци, Бугари, Албанци и други и затоа не е оправдано зборот Македонија да се однесува и на етничката припаднност.

Разговорот е од декември 1996 година што покамува идентитетот одамна бил дел од преговорите? Кому не му е јасно дека од почетокот за Грците не е прифатливо и тешко дека ќе прифатат дека ние сме Македонци? Затоа тие ќе продолжат да го спорат нашиот идентитет како македонски.

Имајќи го предвид напишаново, Коѕијас не донесе нешто ново. Само јасно ги кажа грчките линии. Затоа беа добри изјавите на премиерот за грчкиот устав и на министерот за надворешни работи за споделување на културното наследство, бидејќи живееме во ист регион. И двете предизвикаа остри реакции. Не можете само давате, мора и да барате. Јасно и гласно.

p.s. Не треба да им се лутиме на Меѓународната кризна група, на САД, на олеснувачот Нимиц, кои си ја вршата работата во насока на нивните интереси, а уште помалку на Коѕијас и Ципрас.

Последниве двајца околу нив имаат тим составен од “тешкаши” докажани во својата работа и надвор од границите на Грција. Кај нив самобендисани експерти, фалбаџии и анонимуси не можат ни да се приближат на тимот кој работи на прашањето а уште помалку да решаваат за едно вакво важно прашање за државата.

SHARE

Comments are closed.