Сабота, бугарски ден на пазарот во Делчево

Овде нема Европска унија, нема европски стандарди и нема забрани. Краставиците можеби се криви, но вкусни.

Бугарите од Благоевград буквално го окупираат пазарот во малиот македонски град и полнат торби со евтини овошја и зеленчук. Модата да се пазаруваат прехранбени производи и зеленчук не помина, напротив, бизнисот цвета.

Додека политичарите се обидуваат да го топат мразот со соседна Македонија, жителите од двете страни на границата од поодамна им го свртија грбот на контроверзите справувајќи се заедно со тешкотиите на животот, пишува софиски „Труд“.

Историчарите можат да си ги „чешаат“ јазиците, но тоа не ни дава леб, вели 82-годишен пензионер од Делчево.

Со години дестинацијата Благоевград-Делчево е голем хит. Сабота е бугарски ден во македонскиот град.

Да дојдеш во Македонија и да не купиш лубеница или ориз, тоа е исто како да одиш во Рим и да не го видиш папата.

Овде нема увезена стока, нема препродавачи, секој продавач е истовремено производител, а гаранцијата за квалитет е прашање на чест на продавачите.

Но, најбарани наесен се пиперките. Бугарите купуваат со вреќи и велат – добра лутеница се прави само со македонски пиперки.

На една од тезгите продава млад човек, од Кавадарци е, тврди дека како земјоделец добива сериозна државна субвенција и нема намера да работи друго.

Вашите трговци од Петрич само се жалат, не можат да ја продадат стоката поради увоз од Европа, ние немаме таков проблем тука, земјоделството е столбот на нашата економија, вели тој за „Труд“.

Во Македонија, веќе не е проблем да се плати во левови, што беше незамисливо пред три или четири години.

Бугарските пари ќе ги искористат за некој ден, в среда или четврток,  кога одат да купуваат облека и чевли на килограм во Благоевград.

SHARE

Оставете коментар