Новогодишните празници се вовед во долгиот и исполнет со прослави месец јануари. Така од петок започнува божикниот пакет во кој се Бадник в сабота (иако во нашите градови гранчињата се палат во огнови и в петок), по што се два дена Божик. Првиот ден е в недела, а вториот в понеделник е неработен ден.
Верниците потоа се подготвуваат за Водици, но во меѓувреме на 9 јануари е Свети Стефан, на 14 јануари е Василица, а на 13-ти навечер се дочекува Стара Нова година односно новата година според Јулијанскиот православниот календар.
Водиците започнуваат на 17 јануари, на 18-ти е Водокрст или Водопос, на 19-ти е Богојављање кога крстовите се фрлаат во водите, а тој ден сега веќе подолги години е неработен. Потоа на 20 јануари се слави Свети Јован.
На крајот од месецот се Свети Гаврил на 28 јануари, а се завршува со имендени кај тие што носат имиња извлечени од Светецот Антониј на 30 јануари.

SHARE

Оставете коментар