СЗПМЗ ги обвини медиумите за сензационализам при промена на пол

Коалицијата “Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници ” (СЗПМЗ) од медиумите бара да запрат со сензационализмот при третманот на настани поврзани со трансродови лица.

Реакцијата на СЗПМЗ доаѓа откако голем дел од медиумите информирааа за првата операција за промена на полот која пред неколеку дена беше извршена во приватната клиничка болница “Аџибадем Систина”. Од коалицијата велат дека е грешка што јавноста била во можност да види видео материјали за операцијата на засега непознатиот пациент.

“Ваквата стратегија на претставување на искуството на промена пол и на трансродовите лица е ништо помалку од класична фетишизација и објективизација на телата на трансродовите лица, без никаква почит за нивниот телесен интегритет и лично достоинство. Нужно ни се наметнува прашањето, за кои други хируршки интервенции до сега медиумите во своите ударни вести прикажувале видео записи од самиот хируршки процес и сочни детали за спецификите и конкретните хируршки постапки? Со ваквиот пристап, животот, искуството, идентитетите и потребите на трансродовите луѓе беа сведени исклучиво на медицинска и хируршка генитална промена. Дополнително, ваквата медикализирачка фетишизација на трансродовите луѓе ги брише од вид многустраните искуства, нијансите, идентитетските разлики и различните потреби внатре во  транс заедница, сведувајќи ги сите трансродови луѓе на промената на полот. Впечатокот што го стекнуваме од медиумскиот приказ е дека медиумите повеќе ги интересира крвта на операционата маса, отколку крвта и раните на трансродовите тела предизвикани од општественото трансфобично насилство”, реагираат од коалицијата СЗПМ.

Загрижувачки за нив, велат е фактот што дел од медиумите заборавија на својата обврска и должност да спречуваат дискриминација и говор на омраза, а кои беа застрашувачки многубројни на веб страните и профилите на медиумите на социјалните мрежи.

“Медиумите имаат обврска да го спречат и оневозможат објавувањето на говор на омраза и дискриминаторски содржини, наместо пасивно да учествуваат во ширењето на истата. За крај, нагласуваме уште еднаш дека ја поздравуваме можноста трансродовите луѓе да извршат операција за потврдување на родот во Македонија. Но, она што е уште поважно е ваквите медицински услуги да бидат достапни во јавните здравствени установи, и истите да бидат покриени од Фондот за здравствено осигурување како операции чиешто извршување претставува  сине ква нон за достоинствен живот на овие лица”, се вели во реакцијата.

Според коалицијата, она што очигледно претставува најголем интерес и сензација за медиумите се медицинските и хируршки детали за трансформацијата на пенис во вагина, и инвазивните видео записи од самата операција.

SHARE

Оставете коментар