Денес го празнуваме најглавниот празник во чест на Божјата Мајка, иако во текот на годината постојат многу празници посветени во чест на Пресветата Богомајка. Но, највеличенствен од сите тие празници е токму денешниот празник – Успението на Пресвета Богородица. Ова не произлегува само од фактот дека Православната Црква ги слави спомените од смртта на сите свои светии, меѓу кои и Богородица, туку од фактот дека денешниот ден, денот на блаженото упокојување на Божјата Мајка, во себе содржи нешто величенствено и премногу важно за спасението на нашите души. А токму за тоа се зборува и во преданието за нејзиното свето Успение.

На денот на нејзиното Успение, таа лежела на одарот и одеднаш се осветлила куќата со необична светлост од Божјата слава. Божјата Мајка Го видела Синот како ѝ се приближува. Загледувајќи го приближувањето на Синот, Божјата Мајка радосно воскликнала: “Мојата душа го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој …”.

Таа се подигнала од одарот како да оди во пресрет на Својот Син и Му се поклонила на Својот Бог. А Тој, приближувајќи се, и со неизмерна синовска љубов, гледајќи на Неа, рекол: “Дојди Блиска моја, дојди Голубице моја, дојди најскапоцен мој Бисер, и влези во живеалиштето на вечниот живот”.

Богородица Му се поклонила и Му рекла да го прими Нејзиниот дух и да ја заштити од власта на темнината. Таа мирно ја предала Својата света душа во рацете на Бога, без да почувствува болка, како да заспала. Во книгата за Нејзиното чесно упокојување се вели: “Бројот на годините кои непорочната Мајка Божја ги поживеа на земјата се точно педесет и девет”.

Започнал највеличествениот, најсвечениот погреб, во поворка со многу христијани. Се слушало ангелското пеење. Апостолите го носеле на рамења одарот на Пресвета Богородица. А најнапред одел Св. Јован Богослов кој ја носел светлата рајска гранка. Но, еврејските првосвештеници и книжници од завист испратиле војници да ја спречат поворката и наредиле “телото на Марија да го изгорат”, а на апостолите да ги претепаат. Но, Бог ги поразил со слепило злобните гонители, а на еврејскиот свештеник Антониј, кој се обидел да го сврти сандакот, невидлив ангел му ги отсекол рацете.

Апостолите ја погребале Богородица. Кога по три дена го отвориле гробот за да ѝ се поклони Св. апостол Тома, кој не бил присутен на нејзиното погребение, “ја најдоа само плаштаницата, а телото не беше во гробот”. Таа, како и Христос, доживеала телесна смрт, но во третиот ден по погребувањето била воскресната од Синот и Својот Бог, и со телото земена на небото. Се вознела на небото.

Таа им се јавила на апостолите жива, светла и опкружена со ангели им рекла: “Радувајте се, зашто сум со вас во сите денови”.

SHARE