Откако професорот Љубомир Фрчкоски на ТВ Нова изјави дека критизерите за Законот за употреба на јазиците не даваат правни аргументи за неговата неуставност, професорката Каролина Ристова-Астеруд напиша анализа во која дава токму такви аргументи.

ГРАЃАНСКИ ВОДИЧ НИЗ ЛАВИРИНТИТЕ НА НЕУСТАВНОСТА
НА ЗАКОНОТ ЗА УПОТРЕБА НА ЈАЗИЦИТЕ 2018

НЕУСТАВНОСТ БР. 1: ДОНЕСУВАЊЕ ВО ЗАКОНОДАВНА ПОСТАПКА СО „ЕВРОПСКО ЗНАМЕНЦЕ“

Согласно член 61(2) од Уставот, организацијата и функционирањето на Собранието на РМ се уредува со уставните одредби и со собраниски Деловник, што секако се однесува и на постапките за донесување закони.

Како што и е познато на јавноста , ЗУЈ 2018 беше донесен во собраниска законодавна постапка за закони со „европско знаменце“.

Аргументацијата што ја дава Владата/министерот за правда за (злоу)потребата на „европското знаменце“ во официјалното образложение на законот (во текстот на предлог-законот) е дека ЗУЈ 2018 „произлегува од Националната програма за усвојување на правото на ЕУ“ (НПАА), а која ги содржи „сите клучни политики, одлуки и законски прописи, како и нивната динамика, кои се во насока на приближување на РМ во ЕУ“, а во таа смисла и „ имплементацијата на Рамковниот договор е нераскинливо поврзан со процесот на евроинтеграција на земјата за што говорат низата заклучоци на Советот на ЕУ изминатите години,“ па следствено, овој и ваков ЗУЈ бил ставен во НПАА во јули 2017 година (внимавајте, дури во јули 2017, цели 16 години по Рамковниот договор!). Меѓутоа, сето ова „образложение“ е чиста злоупотреба, и на НПАА, и на законодавната постапка со „европско знаменце„, по собранискиот Деловник (а и на владиниот)!

По својата содржина, ЗУЈ 2018 не преставува никаква „имплементација на Рамковниот договор“, туку негово сериозно пробивање и повреда на истиот , и по слово и по дух, како што беше објаснувано и како што ќе следи и ќе стане очигледно со последователните други аргументи за неуставноста на законот. Исто така, голема лага и злоупотреба е дека носењето на овој и ваков закон е нешто што го барала ЕУ. Ниту во „заклучоци на Советот на ЕУ изминатите години,“ ниту пак во било кој годишен Извештај на Европската комисија за напредокот на РМ во ЕУ, нема ниту едно зборче за нешто што и во најшироко нивно толкување може да се сфати и разбере како укажување или евроинтеграциско условување да се донесе баш ваков закон и со ваква содржина, секако за некаква си измислена недовршена „имплементација на Рамковниот“ во поглед на употребата на јазиците. Тоа, впрочем, е очигледно од самиот временски период од фантастични 16 години по Рамковниот договор да се носи овој и ваков закон, со ваква содржина, а кој , да беше како што тврди Владата/министерот во образложението, по својата тежина и важност, сигурно би бил меѓу првите приоритети и во првите години од „имплементацијата на Рамковниот договор“.

Значи, напротив, содржината и словото на Рамковниот договор во однос на ова прашање, како приоритет, како што ќе следи во натамошните продолженија на Водичот, беше и е изразена во уставот и во сите матични закони, и е нешто што се оживотворува во политичката и општествената реалност веќе со години наназад, сосе и со издвојување и трошење бајаги дел од јавните финансии. Уште повеќе, дури некој и да се тргнува од позиција на тоа дека има некаков пропуст, грешка или недоискажаност во спроведувањето на Рамковниот и уставот во „јазичниот аспект“, тоа се прави со измени и дополнувања во постојните релевантни закони и подзаконски акти. Но, зошто баш сето ова со законодавната постапка со „европско знаменце„? Во политичката мотивацијата за направената злоупотреба на законодавната постапка со „европското знаменце“ се засметани и пресметани и сите „погодности“ кои се врзани за ваквата законодавна постапка. Имено, нејзината „скратеност,“ што ќе рече, скратениот и смален политички „маневарски простор“ за спротиставување на зацртаната цел, како и потенцијалот за манипулација со „политичката психологија“ на јавноста во правец на тоа сето ова да и се продаде како нешто што наводно е нужно „за патот кон ЕУ„ , а нели, повеќето од таа и таква јавност, од засегнатото граѓанство, ги поддржува евроинтеграциите, што секако е крајно политички нечесно, буквално лажење и ниско експлоатирање на нивните политички аспирации, соништата и желби.

Надоврзано на ова е засметувањето на можноста за терминолошка шашма со терминологијата на „усогласување со правото на ЕУ“ која се користи во законодавните постапки со „евро знаменце“ во однос на поголемиот дел од граѓанството за кое се знае дека нема некакво подетално познавање на „правото на ЕУ“. Нашето граѓанство треба да си знае дека согласно т.н конститутивни договори на кои се заснова ЕУ (меѓународни меѓудржавни договори на кои се ратификувани потписнички сите држави-членки, и на кои се придружуваат сите нови кои влегуваат во членство), во комуникацијата меѓу државите-членки („долниот спрат на ЕУ„) и супранационалното ниво („горниот спрат на ЕУ„), „употребата на јазиците“во било која форма (службени јазици, јазични права на инидивидуалните граѓани, и сл.) на нивото на „долниот спрат“ на самите држави-членки е многу јасно и црно-на-бело проблематика на домашните „ уставни решенија на државите-членки“ во кои ЕУ не се меша.

Во самите договори на ЕУ се регулира употребата на службените јазици на државите-членки само на „горниот спрат„ на ЕУ (супранационалното ниво на ЕУ), како и во однос на комуникацијата меѓу „долниот“ и „горниот“ спрат на ЕУ, односно како самите држави-членки и нивното граѓанство имаат право да комуницираат со „горниот спрат“ и обратно. Патем, на ова прашање повторно ќе се навратиме кога ќе дојдеме до другите неуставни основи, особено во делот на употреба на јазиците во правните постапки и аспектите и последиците по она што се нарекува јазик на правото, а со тоа и најдиректно какви се лоши последици ќе има по остварување на правата и слободите на индивидуалните граѓан(к)и во правните постапки. А и во некој иден засебен текст, оти јасно е дека има големо сеење магла, неразбирање и неразграничување на проблематиката по линија на: службени јазици – државни уредувања; судски превод – службен јазик (на правото) по кои се водат правните постапки; службени јазици во самите држави – службени јазици во меѓународни институции и организации, па и во однос на специфични регионални правно-политички ентитети како што е ЕУ; и, службени јазици – јазични права на индивидуата/граѓанинот – индивидуален/семеен мултилингвизам.

Севкупно, ЗУЈ 2018 е злоупотреба на „имплементацијата на Рамковниот договор“ како политички услов на евроинтеграцијата на РМ за целите на погазување и пробивање на содржината на истиот, со злоупотреба на формата на собраниските ( но и владините) деловнички постапки за „европско знаменце“, спротивно уставниот основ и императив за нивно почитување, најакутно од аспект на нивната правна целесообразност ( целта за која се воведени и треба да служат вакви законодавни постапки, предвидени и регулирани со деловниците на Собр).

Патем, општо во правото, феноменот кога една правна форма се злоупотребува спротивно од целите за која е наменета, односно за остварување на некои сосема други и правно нелегитимни цели е познат како „злоупотреба на правото“. Секогаш кога се манифестира тој и таков феномен станува збор и за повреда и на уставното темелно начело за владеење на правото (член 8, алинеја 3), а токму тоа се случи и со ЗУЈ 2018 во делот на законодавната постапка со „европско знаменце“.

SHARE