„Јутарњи лист“: Македонија стана држава, а тоа можеби и не го сакаше

Осврнувајќи се на 26. години од исчезнувањето на СФР Југославија, за што како официјален датум се зема 15 јануари 1992 година, кога меѓународната заедница ги призна Словенија и Хрватска како независни и самостојни држави, хрватскиот весник „Јутарњи лист“ во делот за Македонија констатира дека „републиката стана држава, а тоа можеби и не го сакаше“.

„Македонија влегува во редот на оние земји, кои, можеби и не сакајќи, неочекувано добија држава. Југославија се распадна и Македонија доби независност без некоја голема желба. Но, и денес, по 26 години, Македонија се прпелка на маргините на европските случувања. Веќе неколку пати беше на работ на граѓанска војна, а нерешените односи со Албанците и понатаму создаваат нестабилност во таа држава. Уште во 2008 година требаше да стане членка на НАТО, но ја блокираше грција поради името на државата. Сега, се чини, новата Влада на Зоран Заев е пред завршеток на преговорите за тоа, па Македонија конечно би се обидела да ги дофати евроатлантските интеграции. Македонија е официјален кандидат за ЕУ од 2005 година, кога тоа стана и Хрватска, но подалеку од тоа не се помрдна“, пишува „Јутарњи“ во својот подлисток „Глобус“.

Во воведот на текстот авторот констатира дека од заедница на шест републики и две автономни покраини Југославија по распадот изнедрила седум држави, „но економските разлики меѓу нив останаа исти: Словенија и Хрватска и понатаму се најразвиени, Косово најсиромашно, а исклучок е Босна и Херцеговина, која доживеа целосн слом“.

„Југославија ја одработи својата историска улога, спасувајќи го секој од народите што ја создадоа, во одредена временска отсечка, а потоа стана товар што мораше да се исфрли. Внатре во нејзините граници Словенците го зачуваа и го заокружија најголемиот дел од својот етнички простор, Хрватите се спасија од неминовното распарчување меѓу Италија и Србија, Македонците остварија нација и држава – без Југославија веројатно би исчезнале или би се асимилирале со некоја од нациите на своите соседи. Бошњаците исто така се етаблираа како нација, а Црногорците во Втора Југославија успеаја да ја спасат својата државност, која беше целосно згасната по 1918 година, по што до крај ја обновија на урнатините на Југославија. Значи, сите нешто добија, но и изгубија, но сега сите имаат свои држави и нов почеток“, констатира „Јутарњи лист“ во освртот за распадот на СФРЈ.

 

SHARE

Comments are closed.