Џејмс Пердју: Заев и Ципрас ќе најдат решение за проблемот!

Поранешниот американски амбасадор во Бугарија и Македонија Џејмс Пердју е убеден дека владите на Зоран Заев во Скопје и таа на Алексис Ципрас во Атина можат во најскоро време да изнајдат решение на долготрајниот спор за името. Граѓаните не избираат лидери за решавање на лесни прашања, вели Џемс Пердју, американски дипломат и посредник за време на конфликтот во 2001 година. Тој лично учествуваше во изготвувањето на Охридскиот мировен договор.

„Денес имам многу поголема надеж откога и да е за решавање на спорот за името на Македонија. Овој спор може да се реши во скоро време“, изјави Пердју за Дојче веле, како што пренесе бугарската агенција БГНЕС.

„Грција, Македонија, САД и ЕУ немаат право да ја пропуштат оваа можност. Владата на Зоран Заев е целосно отворена при изнаоѓањето на решение, наспроти силната опозиција. Верувам дека и владата во Атина разбира дека ова е најдобрата можност да се здружи со сосед“, вели Џејмс Пердју.

Американскиот дипломат ги повикува двете страни внимателно да ги анализираат придобивките од решението, но исто така и ризиците од можен неуспех.

„Граѓаните не избираат лидери за решавање на лесни прашања. Тоа може да го направи секој. Вистинското лидерство се демонстрира од оние мажи и жени кои се зафаќаат со најтешките прашања и го прават потребното за сопствениот народ и долгорочно. Верувам дека Заев и Ципрас наскоро ќе постигнат договор“ вели Пердју.

SHARE

Comments are closed.