Договарано ли е во Солун апсењето на обвинетите од „Тврдина“ ?

Десет дена откако во Солун се сретнаа првите оперативци на грчката и македонската полиција вчера се уапсени двајцата екс полициски разузнавачи кои што македонските власти ги бараат како обвинети во случајот Тврдина.

Справување со тероризмот, организираниот криминал и миграциите биле тема на средбата во Солун меѓу првите луѓе на македонската и грчката полиција, директорот на Бирото за јавна безбедност Лазо Велковски и шефот на полицијата на Република Грција, генерал – полковник Константинос Тсувалас.

Десет дена подоцна како што потврди МВР , во Солун биле уапсени поранешните разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошковски кои се обвинети од страна на Специјалното јавно обвинителство за уништување на докази за прислушувањето. .

Тие биле приведени по меѓународната потерница откако поминаа три месеци во бегство.

На поранешниот началник на Петта управа Грујовски и поранешниот вработен во УБК, Никола Бошковски им беше одреден притвор на 18 јули, откако Врховниот суд по повеќедневно пролонгирање им го потврди притворот што претходно го одреди Кривичниот суд, а го потврди и скопска апелација. Судското рочиште за предметот „Тврдина“ веќе започна, а нив им се суди во отсуство.

Првообвинет во овој случај е поранешниот началник на Управата за безбедност и контраразузнавање Горан Грујевски, а заедно со него и шест вработени во Управата.

На состанокот одржан во Солун на 9 октомври претставниците на грчката и македонската полиција искажале подготвеност да се иницира одржување на уште еден состанок на кој ќе се постигне договор за соработка во областа на криминалистичко-разузнавачката анализа и тероризмот.

– Соработката ќе биде продлабочена и издигната на повисоко ниво. Во духот на градење на добрососедски односи, двете министерства ќе соработуваат со поголема меѓусебна доверба, изјавија тогаш од МВР.