Во чекалната за Шенген до крај на годинава, вети Борисов

Според бугарскиот премиер, до крајот на годината Бугарија треба да излезе од чекалната за Шенген.

Премиерот Бојко Борисов се осврна на неодамнешната изјава на германскиот европратеник Манфред Вебер, кој рече дека „секој кога доаѓа во Бугарија вели – Бугарија најдобро ги чува нашите (европски) граници“.

Виновник за доцнењето и приемот на Бугарија во Шенген е политичката ситуација во Романија. Софија постигнала голем напредок, но Букурешт има отстапување во справувањето со корупцијата, што пречи и на двете држави да станат дел од Шенген, изјавил Манфред Вебер, лидер на групата ЕПП во Европскиот парламент.

Вебер објаснил дека е потребен напредок и двете земји заедно да бидат примени во Шенген, пренесуваат бугарски медиуми.

Неодамна шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева побара вклучување на Бугарија и на Романија, членки на ЕУ од 2007 година во Шенген.

„Ги исполнуваме сите критериуми и правиме многу, за да ги чуваме надворешните граници на ЕУ“ вели Захариева и уверува дека  Бугарија, но и Романија заслужуваат да бидат прифатени во Шенген зоната“.