Професорката Билјана Ванковска во својата последна колумна за „Нова Македонија“ прашува што е тоа интелектуалец и дали земјава има такви.

Професорката е ударна тупаница на групата од околу 200 македонски интелектуалци кои од политичките лидери побараа разум во решавање на спорот за името.

“Пораката, накусо, гласи: немојте ни да се посомневате во она што го прави власта, таа знае што е најдобро за вас иако води битка која не може да ја добие; немојте да ја деранжирате и вознемирувате со јавна критика, бидејќи тоа ќе наштети на реформските процеси и дипломатски преговори; дури и ако презема лоши чекори и сѐ заврши погубно, дајте ѝ поддршка, бидејќи тоа е наша власт! Идејата за демократијата и за слободата почиваат на обратната теза: сомневај се во сето постоечко! De omnibus dubitandum est! Особен сомнеж треба да се има кон сѐ што доаѓа од власта, како порака или мерка, не само без консултации со јавноста, туку и со нејзино замолчување. Ако во кривичното право свет принцип е пресумпцијата на невиност, кај политичарите мора да е обратно. Сомнителни се, сѐ додека низ дела не го докажат спротивното. Почетоците на оваа власт беа обележани со воведување на Министерството на вистината, кои лојално и вредно си ја вршат работата, дисквалификувајќи секого што ќе се осмели да размислува инаку. Освен ова „суптилно“ дејствување, сѐ почести се знаците и за несуптилни притисоци, па и латентни закани кон неистомислениците. Ова малкумина ќе го посведочат јавно, но нивниот молк зборува доволно.
Има ли Македонија интелектуалци? Што се тоа интелектуалци? Кој ги определува критериумите за тоа? Прашањето е старо и легитимно. Но, одговорот не треба да се бара во бројката, степенот на образование или популарност/препознатливост, туку во тоа дали се молчи пред власта (или моќните од дома или надвор) кога тоа се бара од некого. Ралф Валдо Емерсон одамна го објасни овој феномен со синтагмата за “One man”, т.е. поим кој ја опфаќа човековата личност во нејзиниот тоталитет, со сите димензии на нејзиниот потенцијал и автентичност (без оглед дали станува збор за земјоделец, работник, инженер, свештеник, или научник). Интелектуалец е секој кој промислува за себе, за другите, за светот околу себе, а најмногу за нештата што можеби не го ни засегаат лично. Тој не е и не смее да се претставува како надчовек; без оглед на неговото рацио, тој е и дел на општественото ткиво, субјективен фактор во менувањето на постоечкото – во смисла на Марксовата теза за менување на светот, а не само негово разбирање. Позицијата на јавен интелектуалец не може да се мери со квантумот на неговото знаење; нужна е и акција. Седењето настрана, интелектуалниот аутизам, салонскиот интелектуализам и академските кули од слонова коска се параван зад кој се крие страшливост. А стравот е токму она од што живеат диктатурите! Која е смислата ако „високата наука“ не се искомуницира и пренесе на пошироката јавност? Интелектуалецот мора да умее да разговара за најсложените прашања и да ги објасни и на најнеукиот, особено ако е тој засегнат со она за што се одлучува” вели Ванковска во колумната која цела може да се прочита на овој линк.

“Интелектуалецот е критичар на секоја власт, на секој центар на моќ, секогаш и насекаде, без оглед дали таа се остварува на национално или европско/светско ниво. И да завршам со уште една парафраза на Маркс: историјата не чини ништо, таа не создава огромни богатства, ниту бие битки. Луѓето, кои се стварни и кои живеат, се оние кои го прават сето тоа. А синџирите не ги чувствуваат само оние кои се пацифизирани и мртви, иако живи”, заклучува професорката.

Целиот текст на професорката Ванковска може да го прочитате тука.