Висок вмровски функционер гостин на политички митинг во Тирана

Заладените односи меѓу екс владата и владата на Еди Рама, како и анимозитетот кај албанските партии кои одбија да влезат во коалиција со победникот на последните избори ВМРО – ДПМНЕ не беше пречка градоначалникот на Скопје Коце Трајановски да учествува на политички митинг во Тирана.

Трајановски беше поканет од Илир Мета кој со неговата  партија „Движење за социјалистичка интеграција“ одржал митинг во пресрет на престојните парламентарни избори во Албанија

Според анкетите партијата на Илир Мета може да биде клучен фактор во составувањето на новата албанска влада па дури и Мета да биде нов премиер ако една од две главни партии Демократската и Социјалистичката не можат да состават сами влада.
На предизборните митинзи Мета неколку пати на Македонците во Албанија им ветуваше дека ќе се бори за нивните права но и дека во неговиот кабинет ќе има македонски претставник. Исто така тој порачуваше и дека нема да се меша во внатрешните работи на Македонија.
„Јас ви гарантирам дека ќе имате претставник од вашата заедницата и во мојот претседателски кабинет, а како шеф на државата ќе се грижам за сите ваши проблеми. Ние не се мешаме во внатрешните работи во Македонија, ниту сакаме тие да се мешаат во внатрешните работи на Албанија, но и тие и ние имаме обврска да применуваме повисоки европски стандарди за сите граѓани.“ – порача Мета во кампањата.
Трајановски чија партија остро ги критикуваше мешањата на владата на Еди Рама во македонската внатрешна политика во Тирана најверојатно заминал како почесен гостин на партијата на Македонците во Албанија која на овие избори оди со Мета.
„На 26 јуни која јас ќе бидам пратеник во албанското собрание, сите вие ќе се гордеете дека со својот глас, ќе дадете придонес. Немојте да подлегнувате на притисок и заплашување, лажни ветувања и масовно поддржете ја нашата коалиција. “, изјави Васил Стерјовски, кандидат за пратеник на „Македонската алијанса за европска интеграција“ во врска со поддршката на Македонците за Мета.
Циничните коментари на социјалните мрежи пак велат дека Трајановски сега преку поддршката за Македонците во Албанија и единствената општина со градоначалник Македонец го враќа долгот за гласањето на последните локални избори во Скопје и особено во општина Центар.
Посетата на Трајановски на Тирана може да значи и обид за промена на имиџот на ВМРО – ДПМНЕ како антиалбанска партија а може да помогне и во неговиот обид на локалните избори во октовмри со помош на Албанците во Скопје уште еднас да стане татко на метрополата.