„Меѓународен договор е обично инфериорен во однос на уставот, секако во рамките на државата. Преживувањето на скопскиот устав со името ‘Македонија’ и сите национални термини како „македонски’ во пракса ќе го укине основното барање на грчката дипломатија, дека решението треба да се применува на сè и, пред сè, во внатрешноста на Скопје“.

Јоргос Гарапетритис, професор по уставно право на Правниот факултет на Националниот Универзитет во Атина, вели дека „македонското прашање“ има политичка димензија и техничка димензија и без одлично познавање на институциите неговото решавање претставува сериозен ризик дури и кога решението е взаемно прифатливо.

Во неговиот „Поглед“ во денешен „Катимерини“ Гараптеритис вели дека е потребно да се разјаснат некои клучни институционални поглавја на проблемот:

Прво, сегашниот устав на Скопје не содржи одредби кои директно наведуваат политика на проширување. Вистина е дека во оригиналната верзија од 1991 година уставот содржел серија одредби како онаа од член 49, која предвидуваше државата да се грижи за статусот, правата и културниот развој на Македонците од соседните држави и да промовира и да одржува врски.

„Со два амандмани на уставот, кои се во сила, експанзионистичкиот јазик е значително намален. Особено, со првиот амандман кој пропишува дека новоформираната држава нема територијални аспирации кон соседните држави и дека секоја промена на границите ќе мора да го почитува меѓународното право, додека со втората измена е прогласено дека грижата кон ‘Македонците’ во соседните држави не дозволува мешање во суверените права или во внатрешните работи (на соседната држава – нз.)“

Јоргос Герапетритис

На овој начин, вели професорот, падна институционалната неодговорност, но вистинската иритација, во наставните програми, во симболите и имињата на местата постепено се зголемуваше.

 

Второ, со Времената спогодба од 1995 година меѓу Грција и Скопје двете страни се обврзаа дека уставните одредби не претставуваат територијално побарување или мешање во домашните работи, прогласија трајност на постојните граници и изјавија дека го почитуваат нивниот заеднички суверенитет, територијален интегритет и политичка независност. Привремената спогодба, по својата содржина, доби на сила само поради ревидирањето на Уставот на Скопје.

Трето, смета Гарапетритис, потпишувањето на меѓународен договор меѓу двете земји, кој ќе биде ратификуван од страна на националните парламенти, е неопходен, но во никој случај не е доволен ако не гарантира ревизија на Уставот (на Скопје – н.з.).

Гарапетритис се повикува на анализа во „Катимерини“ објавена на 11 февруари 2018 година каде авторот (П. Мандрајвис) утврдил дека „никој не гарантира дека по пет години Скопје нема да го промени својот устав, иако е тешко е да се обезбеди потребното двотретинско мнозинство (80 од вкупно 120 пратеници). Тој вели дека треба да се процени дали во гласањето на промена на уставот, ќе се приклучат и пратеници од „националистичката парламентарна сила на ВМРО“.

На крајот, професорот предупредува: „Ако, од друга страна, решението се изгласа во форма на меѓународен договор, без уставна ревизија, само од сегашната коалиција со мало мнозинство од 59 места во Парламентот“, секогаш ќе постои можност да биде напуштен од некое (идно) националистичко мнозинство.

Апсолутно посакуваното, сеопфатно решение не може да ги игнорира институциите  и да се потпира само на взаемна доверба, заклучува Јоргос Гераперитис.