Героски тврди: Горнамакедонија и Новамакедонија го менуваат нашиот идентитет

Споените имиња Горнамакедонија или Новамакедонија, какви што се спомнуваа во грчките медиуми, се непристојни предлози, затоа што тоа веќе не се сложени, туку нови имиња, со кои суштински се менува нашиот идентитет – во таков случај, ние објективно стануваме горномакедонци или новомакедонци, на пример – тврди уредникот на Плусинфо и Слободен Печат Бранко Героски.

Во делови од колумната која ќе биде објавена во целост утре, Героски вели дека дополнителни трикови (како овие со споеното име н.з) можат да се понудат и во пакетот во кој ќе се дефинира што всушност значи erga omnes употребата на новото меѓународно име на нашата земја. И покрај тоа, новинарот кој инаку важи за најгласен поддржувач на идејата за пронаоѓање решение за спорот за името по секоја цена, продолжува да шири оптимизам.

„Без паника, без непотребна нервоза и без лоши думи, непристојните предлози, ако ги има, мора енергично да се одбијат. Ги уверувам нашите преговарачи дека потоа ништо страшно нема да се случи, дека преговорите ќе продолжат и дека ќе се движат во позитивна насока“, додава Героски.