Градоначалникот на Гевгелија за името: Дали сме за минатото или за ЕУ и НАТО?

Градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков, смета дека луѓето во Македонија треба да се прашаат дали се за минатото или за иднината (во ЕУ и НАТО), залагајќи се за „прагматично“ решение за името.

„Треба да се запрашаме: Дали сме за минатото, историјата и антиката? Или за ЕУ ​​и НАТО? Ако им го објасниме ова на луѓето, промената на името ќе се доживува поинаку“, изјавил кандидатот на СДСМ на последните локални избори за германското државно радио Дојчландфунк, кое денеска објави репортажа од Гевгелија, во која главна тема е проблемот што Грција го има со името на Република Македонија.

Еден друг Сашо во репортажата, сопственик на бурекџилница во близина на пазарот, со поинакво размислување за ова прашање од градскиот татко.

„Мене ќе ми пречи поинаку да се нарекувам. Јас сум Македонец, пораснав овде и така сум воспитан. Не разбирам зошто Грците сакаат да бидат Македонци. Тие се Грци или? Ако се Македонци, зошто тогаш не ја викаат нивната земја Македонија, туку Грција?“, прашува тој.