Груевски најави оставка од лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ!

Никола Груевски во интервју за порталот „Курир“ најави дека ќе поднесе оставка на функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ пред органите на партијата.

„Јас вечерта по првиот круг на изборите кажав јасно дека претседателот на партијата носи најголема одговорност. Потоа во телевизиско интервју појаснив дека секогаш во еден тим кој се натпреварува, било политички, спортски, бизнис или слично, најголемата одговорност по дефиниција ја носи првиот човек. Тие кои добро ме познаваат и оние кои добро разбираат политички пораки, ме разбраа. Независно каков ќе е исходот од анализата на изборите, дури и ако е таков дека објективно мојата вина е мала или најмала или дури ако се утврди дека немам објективна вина за поразот, јас ќе поднесам пред органите на партијата оставка. Партијата, согласно Статутот, ќе оргазнизира вонреден Конгрес, на кој, освен извештајот за анализта на изборите, ќе се избере и претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа го мислев и тогаш на 15 октомври вечерта, но поради актуелноста на изборите го кажав со политички речник. Тоа го мислам и сега и бидејќи двата круга на изборите поминаа, емоциите од кампањата стивнаа, можам да го кажам и најдиректно и понепосредно“, изјави Груевски.

Лидерот на партијата што ги доби изборите на сите нивоа во Македонија од 2006 година до поразот на октомвриските локални избори додаде дека анализата за тоа ќе биде направена за една-две недели, но од неа не зависи неговата оставка. За терминот на одржување на Конгресот, пак, рече дека ќе решат органите на партијата.