Груевски: Не ги признаваме изборите

Физички пресметки, заплашување, уцени, поткупување, делење флаери со што бил прекршен изборниот молк, обиди за организирање „бугарски воз“, полнење на кутии со однапред заокружени гласачки ливчиња, големо присуство на униформирани лица во повеќе општини, терор врз граѓаните за нечесно добивање на изборите и – никаква реакција од полицијата…е причина ВМРО ДПМНЕ да не ги признае изборите.
Лидерот на опозиционата партија Никола Груевски на прес конференција нешто по 20 часот говореше за сите сознанија за низата нерегуларности на денешниот изсборен ден. И не само тоа, тој обвини дека тие нерегуларности биле многу повеќе и поотворени во споредба со првиот круг на 15 октомври.
Груевски спомна дека негативната кампања кон ВМРО ДПМНЕ, заплаувањето, инцидентите, заканите по живот, кампањата за втерување на страв, кривични пријави кон кандидати за градоначалници од редовите на „Коалицијата за Македонија“.
Ова до некаде беше и очекувано.
Во текот на попладневните часови на социјалните мрежи се лиферуваа информации дека од опозиционата партија се подготвуваат да не го признаат вториот изборен круг од локалните избори.
Повод за тоа веројатно бееше изјавата на Груевски кој обвини за, според него, недемократска атмосфера и системски закани и уцени врз граѓаните.
„ Демократската атмосфера, за жал, во овој период не можеме да ја видиме. Колку што имаше нерегуларности во првиот круг на гласањето, тие уште повеќе се зајакнаа во вториот круг. Претежно се манифестираат во две форми: масовен поткуп на граѓаните како никогаш досега во Македонија и закани, притисоци и уцени врз луѓето, претежно кон наши активисти од страна на СДСМ“, рече Груевски
Луѓето отворено се уценуваа со губење работа, особено администрацијата, со кривични пријави, недобивање субвенции,… Тоа е масовно, организирано, системски. Како што поткупот е организиран масовно и системски, така и заканите, уцените, заплашувањата и притисоците се масовни и системски, рече Груевски, додавајќи дека и покрај се, ВМРО-ДПМНЕ нема да биде скршена со ова.