Педесет и осум лица се осудени на ефективни затворски казни за учество во местење фудбалски натпревари во Грција во периодот од 2008 до 2011 година, пишува весникот „Катимерини“.

За делото, кое се води под името „Королис“, во минатата декада беа обвинети вкупно 84 луѓе, а во седумте години судење недвосмислено беше докажано дека во тој период биле наместени 25 натпревари.

Изречените казни се меѓу 10 години и 10 месеци, највисоката и 30 месеци, најниските кои им се одредени на неколку фудбалери, меѓу кои и на поранешниот грчки репрезенативец Аврам Пападопулос. Поранешниот сопственик на прволигашот Олимпијакос од Волос, Ахилеас Беос, е осуден на четири години затвор со тоа што нему му е овозможено да ја замени казната со парична глоба, и тоа по пет евра дневно за сите четири години.

Ова е една од најголемите фудбалски афери со „местење“ што добиле судски епилог во последните неколку години.