Грција уште поскапа следното лето

Македонските и сите други туристи што наредното лето ќе ја посетат Грција ги очекуваат зголемени трошоци поради воведувањето такса за престој, која ќе се смета како фиксен износ по ден и по соба.

Зависно од видот на сместувањето, таа ќе изнесува четири евра по соба на ден за хотелите со пет ѕвездички, три евра за тие со четири ѕвездички, 1,5 евро за тие со три и по половина евро на ден за соба во хотелите со една или со две ѕвездички, како и за приватните соби, за студијата и за апартманите.

Таксата ќе биде вклучена во вкупната цена за престојот и на гостите нема да им се наплатува посебно.

Грчката хотелска индустрија ги смета новите давачки апсурдни, бидејќи и онака македонскиот јужен сосед има највисоки даночни стапки за хотелски услуги споредено со конкурентите од Медитеранот.