Грчките новинари кои ја следат посетата на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас на Македонија биле изненадени од студениот пречек на скопскиот аеродром на кој вчера слета грчката делегација со владин авион, јавува дописникот на МИА од Атина.

Но, и од тврдите позиции на скопската страна во однос на 20. страници предлози од нацрт-спогодбата за решавање на долгогодишниот спор од кои бил прифатен само еден – за промена на името, при што било прифатливо „Нова Македонија“.

Агенцијата АНА-МПА пишува дека пречекот на Коѕијас бил студен и дека министерот за надворешни работи бил топло пречекан од телевизиите на ПЈРМ и од снежниот аеродром на Скопје.  Оценката на „Скај“ беше дека „преовладува смрзнатост и ова не се однесува само на ниските температури во Скопје, туку студот се однесува на пречекот и климата… немаше ниту еден официјален претставник од Владата, ниту министерот за надворешни работи на Скопје, само бирократи од МНР“, пренесува МИА.

Што се однесува до очекувањата од разговорите на Коѕијас и Димитров, грчка ТВ Антена јави дека: „Се покажа дека во двата текста од Атина и од Скопје, постојат важни разлики, а главниот трн е Уставот. Грција смета дека мора да има уставна ревизија по секоја цена и да се смени уставното име, затоа што само така ќе важи ерга омнес. Скопјаните, пак, сакаат двојна формула“.

Дописник на ТВ Стар јавил дека „Дознавме дека 20 страници е грчкиот предлог, на пет страници се скопските одговори. Се согласуваат само за името, а Горна Македонија е предлогот што преовладува. Не се согласуваат за Уставот, за идентитетот“ .

За новинарот на грчката државна телевизија ЕРТ климата во пресрет на разговорите била чудна: „Постапката на скопската страна оддеднаш да прати текст со забелешки два дена пред средбата предизвика загриженост во Атина, бидејќи тоа не беше предвидено во процесот за кој се договорија двајцата премиери во Давос… Овој текст како да беше напишан од самиот Груевски, затоа што ги содржеше сите радикални позиции на скопската страна“.