Во денот за деби на некоја наша селекција на Европските фудбалски првенства, во случајот на младинското во Полска, нашите репрезенативци до 21 година се добро расположени иако на воведот не очекува противник, кој практично и не можеше да биде посилен и поатрактивен. Шпанија е четирикратен Европски првак, со голем број ѕвезди во составот и вечерва од 20.45 на Госир стадионот во Гдиња делува како непремостлива препрека.


“Им ги знаеме играчите, дел од нив играат во големите тимови, а сите во лига како Примера, но ние не им се плашиме. Ги респектираме, но ние ќе ја играме својата игра, па да видиме”, вели капитенот Давид Бабунски кој долги години мина токму во Шпанија, во Барселона Б, каде и се изгради како играч кој потоа ја носеше македонската селекција низ извонредните квалификации.
Огромна разлика во квалитет, во цена, во имиња, во традиција стојат меѓу нас и Шпанците. Тие се големи фаворити и во првиот меч со нас, и во групата Б, па и за освојување на титулата. Наша шанса треба да биде мотивот и срчаноста кои ги красеа момците на Благоја Милевски.


“Не зман дали ќе не потценат, ако биде така тоа е нивна одлука, а наше ќе биде тоа да го искористиме”, рече селекторот Милевски уште во Скопје.
Натпреварот Македонија-Шпанија од ЕП за фудбалери до 21 година е втор во денешната програма, по дуелот на Србија и Португалија кој тргнува од 18 часот. Овие две селекции се наши противници на 20. односно 23 јуни. Првиот од групата оди во полуфиналето, а шанса ќе има и следната селекција бидејќи и една од второпласираните од трите групи ќе се најде во завршниот квартет.