„Девојката со пајакот“ или „Оливер немој да нè ј…ш“ – Колумна на Горан Момироски

Секоја сличност на насловот на оваа колумна со легендарната изјава на легендарниот Кили, кој во емисија во живо рече „Ма немој да ме ј…еш“, е злонамерна и многу логична.

Што се однесува до инцидентот во кој функционерот на ДУИ нападна полицајка, а кој нè зачуди пред сè поради начинот на кој беше објаснет од пи-арот на Владата, тој отвора многу дилеми.

Во врска со него јасно е само тоа дека искусните граѓани, со децении прелажувани од кој стигне, сфатија дека некој си тера мајтап со нив поради што министерот за внатрешни и целата влада загубија огромни поени.

Разбирам делумно дека за да се влезе во НАТО и во ЕУ мора да се лаже, да се спинува, да се манипулира. Голема битка е, имаме силен противник и стратешка цел и да се лаже во тоа име, во име на националните интереси, е колку-толку разбирливо.

Но, да се лаже за обично улично насилство, за обичен насилник, за напад на службено лице е идиотски. Да се тера полицаец да лаже дека се самоповредил не е ни човечки.

За волја на вистината, не може целосно да се исклучи дека полицајката ненападната и неиспровоцирана се удрила од пајакот и се повредила. Но, во тој случај таа мора да биде веднаш суспендирана од своето работно место, бидејќи претставува опасност за јавниот ред и мир и за себе.

Наместо да ја фали, МВР мора да покрене истрага дали таа е деловно способна да се грижи за јавниот ред и мир. Затоа што, ако од чист мир самата се повредила, утре може да повреди некој друг или, не дај боже, сама да си нанесе потешки повреди.

Самоповредување на работно место е сериозна работа за полицаец, човек кој работи за другите да не бидат повредени.

Замислете само како полицајката стои пред „пајакот“, разговара со некого и одеднаш се удира во возилото, по што ја носат во болница. И лекарите утврдуваат дека повредата е незначителна. Да ми простите, ама ова не може да го смисли ни Исак Асимов од „Абдула Сидран“.

Сите ние знаеме дека Јаначковска е умна и одговорна девојка и дека во случајов е злоупотребена. Скопје е мало „село“, сите дознавме од пријатели и роднини дека полицајката е сериозна и дисциплинирана и дека е жртва на политиката.

Таа сега ќе мора со години да се бори со шегите од своите колеги, роднини, соседи и пријатели. Со потценувањето од околината, со презирот што се согласила со вакво лажно и тажно сценарио.

Само затоа што МВР и Владата не сакаат да го спроведат законот.

Да, некој со право ќе рече дека истото се случуваше и во времето на ВМРО-ДПМНЕ, но сега луѓето очекуваат СДСМ и целата влада да го сторат тоа што го ветуваа, да ги исправат старите грешки на сегашната опозиција.

ВМРО-ДПМНЕ падна делумно и поради тоа што се обиде да манипулира со случај во кој министер пред полноќ службено користеше возило на јавна институција. И колку и Спасов да бил во право или во опасност од „Албанци од Серава“, граѓаните препознаа дека нешто во приказната не е в ред и поради тоа сè уште и Спасов и партијата се предмет на потсмев.

Едноставно е – граѓаните можеби се излудени од секојдневните проблеми и разочарувања, ама не се глупи. И тоа не смее никој да го заборави.

Мене и на сите други ни е јасно дека во обид да се зачува владината коалиција се жртвува една чесна жена, полицајка. А тие што жртвуваат и уништуваат млад човек како неа треба да знаат дека со лагите за инцидентот ги понижуваат сите други полициски службеници, кои утре ќе треба да го спроведуваат законот додека граѓаните се мајтапат со нив, нивниот шеф и шефот на нивниот шеф.

Што се однесува до ДУИ и нивниот кадар Бекир Асани, само едно големо браво за Али Ахмети. Ги направи резил и Заев и Спасовски, ја подели јавноста, ги понижи полицајците и цело МВР и мирно си седи во својата одаја во Мала Речица. Си „пие цигариња“ и го чита уставот на РМ.