Кара со предупредување: Македонија толерира анти-турска терористичка организација на своја територија

Амбасадорката на Република Турција, Тулин Еркал Кара во својот говор по повод 15. јули, денот кога лани се случи неуспешниот воен удар испратила невообичаено остри пораки до Македонската влада во кои на дипломатски начин предупредила дека Турција може да го промени односот кон Скопје.

„Невозможно е со зборови да се искаже дивеењето и предавството покажано од страна на извршителите на обидот за државен удар”, рекла амбасадорката Кара потсетувајќи на настаните од 15. јули кога приврзаниците на терористичката организација ФЕТО се обиделе да го извршат државниот удар, пренесува турската државна агенција „Анадолија“.

Во својот говор амбасадорката Кара излегла со тврдење дека терористичката организација ФЕТО има свои организации и во Република Македонија, истакнувајќи дека во борбата против оваа терористичка организација сеуште не се преземени конкретни мерки.

Оваа порака кон властите во Скопје практично значи дека тие поддржуваат тероризам кој е насочен кон официјална Анкара. Ако се прави аналогија со односите кон Германија која што исто така лани беше обвинета дека дава засолниште на поддржувачи на основачот на ФЕТО Абдула Ѓулен, Македонија влегува во сериозен проблем. Или ќе преземе конкретни мерки против „Ѓуленистите“ или Турција ќе го смени својот однос кон земјата.

И покрај тоа што амбасадорката потенцирала дека засега меѓу двете земји има одлични односи таа не исклучува дека тие можат да се променат ако нема соработка од македонската страна.

„Со жалење морам да констатирам дека училиштата, медиумите и фирмите на оваа терористичка организација сеуште се активни во Македонија. Ова посебно сакам да го подвлечам: овие организации на ниту еден начин не ја претставуваат Турција. Настрана што не ја претставуваат Турција, ги продолжуваат своите активности против Турција, негативно влијаат на односите помеѓу Турција и Македонија и чекаат прилика да ги затрујат постојните одлични односи помеѓу двете земји. Македонските раководители, веднаш по овој предавнички напад, меѓу првите покажаа солидарност со нашата земја. Знам дека во оваа борба Македонија е со нас”, изјавила Кара според која за Турција е многу важно на никаков начин да не бидат поддржани претставниците на ФЕТО во Македонија.

Според неа еден од основните критериуми на Турција за односите со други земји, ќе биде и односот на тие земји во борбата со ФЕТО, што практично може да се сфати како директна закана до Македонија.

„Односите помеѓу Турција и Македонија се на едно толку завидно ниво што можат да послужат за пример кон сите други земји. Целосно сме уверени во тоа дека достојни на овие односи ќе соработувате во правец на преземање соодветни мерки кон институциите приврзани кон ФЕТО во Македонија. Оваа борба треба да ја извршиме рамо до рамо. Почитувани, големи се нашите очекувања од Македонија”, порачала амбасадорката Кара на приемот на кој гости беа тројца претставници на македонската влада, министрите за здравство Таравари, вицепремиерот Анѓушев и министерот без ресор Ќахил односно ниту еден од министрите кои што имаат политичка тежина во владата.