До Прохор Пчински и назад кон БЈРМакедонија

 

Џабе ќе одите дотаму, одамна веќе нема ништо во Манастирот, подобро посетете го Пелинце, со насмевка вели службеникот на српската страна од граничниот премин кон Република Србија.

Неколку возила со посетители од Македонија го нарушија спокојството на двајцата граничари и едниот цариник на граничниот премин кој, според состојбата во која се наоѓа, не личи дека е реновиран уште од самото отворање. – Најверојатно таков е уште од времето на АСНОМ – коментира помалку нервозен битолчанец од полната „опел вектра“.

Оние кои се амбицираа да го искористат сончевиот и топол ден и по повод Денот на независнота за да посетат манастирот Прохор Пчински каде на 2 август во август 1944 година се случуваше историја, наидоа на жалосна слика.

Прашуваат дали може да ја посетат просторијата во која се одржа Првото заседание на АСНОМ, за и децата да видат и да научат каде се удрени темелите на македонската држава.

Но, влезот е забранет, спомен-собата е испразнета, а спомен-плочата отстранета. Не постои никаков детал кој би потсетувал дека ова свето место за христијаните, има свето значење и за македонскиот народ.

Бидејќи од Скопје до манастирот се патува повеќе од еден час, нормална е потребата од тоалет. Но, за гости – нема! Неколку монахињи, крајно нељубезно информираат дека тоалетите не може да ги користат посетителите на манастирот, а доколку мораат, тоа да го направат покрај реката.

Дека тој совет го даваат секојдневно, говори брегот на реката Пчиња кој пред Прохор Пчински е преполн со тоалетна хартија, ѓубре, а миризбата е ужасна.

Но, тоа не важно, битно е дека домакините се потрудиле да постават голема информативната табла за долината на реката Пчиња, на која нашата земја е означена како – БЈР Македонија.