Ескалација: Сирија урна израелски Ф-16, Израел се одмаздува (ВИДЕО)

Сириската војска успеа да урне израелски борбен авион кој вршел напади на територијата на Сирија. Информацијата е потврдена од повеќе извори, а веќе се појавија и видео снимки од погодениот авион кој гори на земјата. Двајцата пилоти успеале да се катапултираат навреме и се спуштиле на израелско тло, по што се префрлени во болница.

Израелската армија соопшти дека започнала напади од широк обем врз ирански цели во Сирија, откако рано утрово сириската противвоздушна одбрана урна борбен авион Ф-16 над Голан, а ирански дрон бил забележан и урнат на територијата на Израел. По наглата ескалација на ситуацијата, израелски авиони нападнале најмалку 12 цели, меѓу кои и батерии на противвоздушната одбрана на Сирија, но и ирански инсталации на територијата на таа земја.

Израел предупреди дека Иран се игра со оган и се закани дека Техеран ќе плати голема цена за обидот да инфилтрира дрон на израелска територија, како и за помошта која и ја дава на сириската војска. Иран меѓутоа негира дека воопшто испратил дрон над Израел и соопштенијата од официјален Тел Авив ги окарактеризира како „смешни“.

Интересно е тврдењето на сирискиот генералштаб дека вусшност биле погодени повеќе израелски авиони, иакао засега нема материјални докази за такво нешто.