Заев: Нема да ги довршиме „бандитските“ автопати

Премиерот Зоран Заев денеска од собраниската говорница потврди дека има сериозни пропусти во изградбата на автопатската делница од Кичево до Охрид која државата ја чини 375 милиони евра. Премиерот најави дека новата влада нема да ги продолжи како што ги нарече „бандитските работи на автопатите“.

„Не може бандитските работи на автопатите криминално да ги продолжиме заради тоа што мора да знаат граѓаните дека цела траса е промашена на патот Охрид – Кичево, проектот и она што е вистинската траса. Не може да не знаат граѓаните дека тоа што претставува нерешени имотно – правни односи заради провизијата, брзајќи да се реализира нанесува огромни штети врз Република Македонија и врз буџетот на граѓаните на Република Македонија.“   – изјави премиерот.

Изградбата на трасата Кичево – Охрид, во должина од 57 километри, започна во 2014 година. Овој проект го привлече вниманието на СЈО откако во прислушуваните разговори се слуша како се договара провизија од кинеската компанија.

Поради сомненија за криминал СЈО отвори случај „Траекторија“, во кој осомничени се поранешниот премиер Никола Груевски и уште неколку високи функционери од Владата на ВМРО ДПМНЕ.

Според опозицијата новата влада сака да ги поништи сите проекти на старата затоа што не може да се пофали со свои инфраструктурни зафати. ВМРО – ДПНЕ невозможно е искусни компании кои работеле на автопатот а кои имаат големо меѓународно искуство да направат такви грешки како што тврди СДСМ.