За Вучиќ Македонија се однесува срамно, за Лазански се е „глупост“, никој не го споменува српскиот агент во Скопје

Транскрипти од македонската УБК објавени од српската „Мрежата за истражување на криминал и корупција“ (КРИК) предизвикаа нови тензии на релација Скопје – Белград откако минатата недела на вечера во Брисел српскиот претседател и македонскиот мандатар ги закопаа воените секири по извинувањето од Заев.

Според екс премиерот и сегашен претседател на Србија Вучиќ објавените транскрипти направени од македонската УБК во кои се објавуваат разговори меѓу српскиот агент Живаљевиќ кој беше снимен во Собранието на 27 април со Иван Стоиљковиќ, пратеник и претседател на Демократската партија на Србите се дело на западна служба.

Новиот српски претседател  Александар Вучиќ, кој постојано предупредува дека нема да дозволи „Македонско сценарио во Србија“ вели дека е срамно што овие транскрипти од прислушувани разговори на лидерот на српската партија, дипломати на Амбасадата на Србија и новинар од Белград,биле се дадени на медиуми во Србија и дека тоа не е коректно од страна на Македонија.
Реагира и Иван Стоиљковиќ кој е чуди зошто бил прислушуван.

„Ако прислушувате пратеник и го ставите на таканаречени посебни истражни мерки (ПИМ), морате да имате одлука на судот, а за да добиете одлука на судот, мора да дадете образложение. Не знам и не сум свесен какво образложение би можело да биде за јас да бидам прислушуван кога имам безбедносен сертификат“, изјавил Стоиљковиќ за „Спутник Србија“.

Тој најави дека ќе провери дали постои таква судска одлука за негово прислушување и ако не постои, ќе тужи и ќе бара отштета.

Се огласи и Мирослав Лазански, кој за „Б92“ изјавил дека тврдењата на КРИК се „глупост“ и дека на нив „не треба да се троши време“.

„Бев во Македонија, правев репортажа за телевизијата на Република Српска, а после тоа колумната излезе во ‘Политика’. Точно е дека се видов со Живаљевиќ кој работи во амбасадата, и со Стоиљковиќ кој е претседател на ДПС во Македонија. Па со кого да се гледам? Логично е да се гледате и информирате со луѓето од амбасадата на Србија. Во каква кампања сум бил тоа јас, кога имав еден текст, а потоа и самиот Заев даде интервју за Политика“, изјавил Лазански.

Според изјавата на Стеван Дојчиновиќ од КРИК за ТВ „Н1“, македонската служба документирала околу 50 текстови на Лазански кои биле преведени и објавени во Македонија, а за кои се верува дека се напишани под влијание. Дојчиновиќ потенцирал и дека во случајот на Лазански се неспоиви улогите на новинар и народен пратеник, а сега се покажало и дека „бил во дил и со разузнавачите“. Тој оценил дека српската БИА се искомпромитирала и себеси и државата со своето дејствување во текот на политичката криза во Македонија, дека увидот во транскриптите покажале дека постоел план кој бил спроведен, и дека Живаљевиќ и Лазански излегле од рамките на својата работа.

Иако дирекнто во Србија не се споменуваат конкретни кривци за скандалот сепак индиректно српските медиуми и власти во Белград прстот го вперуваат во кругови блиски на министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и делови од УБК кои што преку западни земји ги доставиле прислушуваните разговори до српските медиуми.