Иванов – Нимиц: Македонија согласно рамката од ОН разговара само за името а не за нацијата и јазикот

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов на средбата со медијаторот Нимиц инсистирал на почитување на правната преговарачка рамка во која се водат разговорите за спорот за името – резолуциите на Советот за безбедност, Привремената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

Според македонскиот претседател, преговорите за името се само за името на земјата а не и за имињата на нацијата или јазикот и тука Македонија не може да направи компромис. Оваа стара позиција на претседателот не може да се смени и покрај позитивните сигнали што македонската и грчката влада ги упатуваат во последниве десетина дена, тврди дипломатски извор за Expres.mk кој е одлично упатен во преговорите за името и во позициите на претседателот.

Иванов порачал дека Македонија и понатаму ќе биде конструктивен партнер и ќе учествува во процесот што се води под покровителство на ОН и дека е потребно да се создаде „позитивен амбиент за подобро разбирање и за почитување“.

„Неопходно е да се даде дополнителен импулс од двете страни во надминување на ова прашање, кое има суштинско значење за стабилноста и за просперитетот на целиот регион“, потенцирал Иванов на средбата со Нимиц, на која ја поздравил и конструктивноста и фокусираноста на мерките за градење доверба меѓу двете држави и повикал на нивно проширување и на внесување нови содржини.

Нимиц на средбите со Иванов денеска, утре  со премиерот Зоран Заев а задутре и во Атина официјално само ги тестира двете страни за нивната подготвеност да влезат во реални и суштински преговори за решавање на спорот.

Специјалниот пратеник на ОН пред неговото доаѓање изјави дека целта на неговата посета е да ја испита подготвеноста за сериозен напредок во разговорите при што најави тестови за Скопје и Атина.