Иванов предупредува: Нема ништо поопасно од меѓумакедонски судир

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов преку обраќање до нацијата вечерва предупреди на опасноста од меѓумакедонски судир по денешното апсење на 36 лица за настаните пред и во Собранието на 27 април.

„За политичкото, како и за физичкото насилство, за настаните од 27 април одговорност мора да има. Кој постапил спротивно на Уставот и на законот треба соодветно да одговара. Но, одговорноста не смее да се генерализира. Мора да се почитуваат човековите права, пресумпцијата на невиност, да се внимава на квалификациите на кривичните дела. Ја поддржував и сега ја поддржувам граѓанската иницијатива ‘За заедничка Македонија’, која повеќе од 2,5 месеци на мирен и достоинствен начин ја искажуваше грижата за националните интереси на Република Македонија. Граѓаните, кои се сплотија и ја демонстрираа идејата за заедништво не се и не можат да бидат третирани како терористичка организација“, рече Иванов.

„Секојдневно до мене пристигнуваат информации и загрижен сум за политичкиот реваншизам, кој е видлив на повеќе нивоа – од јавната администрација до судско-полициските случаи. Со тоа се внесува страв и несигурност, што доведува до состојба на тензии и политичка дестабилизација. Во услови кога нè очекува исполнување на многу преземени за консолидација на општеството, како и на планот на европската и на евроатлантската интеграција, целата енергија треба да ја фокусираме во градење консензус за национален дијалог и за остварување на реформите. Со реваншизам и со демонстрација на сила се генерализира поларизација на општеството, состојба во која не можеме да очекуваме напредок во реформските процеси. Повикувам на разумно и одговорно однесување на сите надлежни институции, кои мора да ги почитуваат Уставот и законите на Република Македонија. Секој е одговорен за своите постапки и свесен за последиците што произлегуваат од нив. Граѓаните на Република Македонија очекуваат решенија, а не проблеми. Граѓаните очекуваат поголема благосостојба и просперитет. Сите политички субјекти треба да служат за остварување на тие интереси на граѓаните“, додаде шефот на македонската држава.

„На крајот, сакам да потсетам на нешто што го кажав изминатата година: нема ништо потрагично и поопасно од меѓумакедонски судир. Секогаш кога сме биле поделени, други нè окупирале, раселувале, преименувале и однародувале“, поентира Иванов.