Охрид е една од десетте дестинации што ги предлага британскиот весник „Индепендент“ за кратко бегство од т.н. „син понеделник“ (blue Monday), кој се смета за најтажниот ден во годината, а кој се однесува на третиот понеделник во јануари, кој годинава паѓа на 15 јануари.

„Охрид, осми најголем град во Македонија, некогаш беше познат по 365. цркви, по една за секој ден во годината. Понекогаш познат како ‘Ерусалим на Балканот’, и градот и Охридско Езеро покрај него се заштитени од УНЕСКО.

До неодамна градот не привлекуваше голем број туристи од Велика Британија, но со ограничени летови на ‘Виз ер’, кој оперира меѓу Лутон и Охрид одново од април, градот е лесно достапен за патници во потрага по авантура“, стои во образложението на весникот за изборот на Охрид, наведен како шести на неговата листа.

Другите дестинации што ги препорачува „Индепендент“ за спас од најдепресивниот ден во годината се: Словенија (најдобра за храна, објаснува весникот), Ла Гомера на Канарски Острови (најдобра за зимско сонце), Фарски Острови (најдобра природа), Валета на Малта (најдобар за култура), Даблин (најдобар за обожаватели на спортот), Прага (најдобра за музика), Белград (најдобар за забава), Талин (со најголема вредност) и Албанија (најдобра за авантуристи).