И македонски професори пакуваат куфери да заминат

Загрижувачко истражување покажа дека речиси 70 отсто од професорите и асистентите на универзитетите во Македонија размислуваат да ја напуштат земјата.

Околу 69 отсто од професорите и асистентите во високото образование во Македонија размислуваат за напуштање на земјата во потрага по подобри можности – а повеќе од 20 отсто веќе аплицирале за работа во странство – покажува истражувањето спроведено од Институт за стратешки студии и образование.

Причините се главно егзистенцијални, вклучително и нискиот стандард на живеење и плати, како и политичко влијание врз универзитетите, што често го попречува напредувањето врз основа на заслуги.

Испитаниците во истражувањето, ја истакнаа кревката политичка стабилност на земјата и недостаток од владеење на правото како причина за емигрирање.

Истражувањето го поткопува општиот впечаток дека само високо образованите во техничките науки сакаат да заминат.

Професорите од општествените науки, подеднакво размислуваат да ги спакуваат своите куфери, дури и ако работните места понудени во странство се под нивните квалификации.

„Резултатите покажуваат дека има голем потенцијал за миграција меѓу високообразованиот кадар во областа на општествените науки”, вели професорот, Мишо Докмановиќ, автор на студијата.

Според статистичките податоци на ЕУ, Македонија, земја од нешто повеќе од два милиони луѓе, е тешко погодена од депопулација и „одлив на мозоци“.

Повеќе од 100.000 главно млади, образовани Македонци добија пасоши на ЕУ во изминатите десет години, барајќи вработување и подобар живот во странство, покажуваат податоците на „Еуростат“.