И Македонците од Албанија против промената на името на Македонија

Македонско друштво “Илинден”-Тирана ѝ дава безрезервна поддршка за кампањата „Нашето име е Македонија“, организирана од Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) во Торонто, Канада.

„Македонија е единствената нација во светот која не може во ОН да го користи своето име.. Вкупно 137 држави веќе го признаа вистинското име на Македонија, што е околу две третини од бројот на државите во Генералното собрание на Обединетите нации.

Меѓу тие држави се и четири од петте постојани членки на Советот за безбедност“ се вели во соопштението на Македонското друштво „Илинден“-Тирана кое ги отфрла сите обиди за промена или за наметнување на некакво друго име за Македонија и за македонскиот народ.

Од Друштвото уште бараат, „македонската влада да ги прекине тековните разговори со ОН и да поднесе резолуција пред Генералното собрание“ со која што земјата ќе биде прифатена во ОН под единственото вистинско име – Македонија“.

Во октомври минатата година, Албанија призна постоење на бугарско малцинство во Албанија, што од македонските друштва во Преспа, Голо Брдо и Гора беше сфатено како обид на бугарските власти да наметнат постоење на бугарско наместо евидентното македонско малцинство во Албанија.