Косово ја спроведе најавата за Диво Насеље

Косовското Mинистерство за финансии ја реализираше одлуката на Владата и на 29 семејства на загинатите и осудените за настаните во кумановската Дива населба во мај 2015 година им исплати финансиска помош.

– Исплатени се 290 илјади евра, пропорционално за 29 семејства на загнатите и осудени лица во настаните во Куманово, онака како што беше предвидено со одлуката на Владата од 10 октомври 2017 година, изјави за Инсајдер Мухарем Шабани, портпарол на Министертвото за финансии.

На 9 и на 10 мај 2015 година, во кумановската Дива населба вооружена група се судри со македонските безбедносни сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и од посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група.

За настаните во Дива населба, македонскиот суд во ноември лани на обвинетите им изрече седум доживотни казни затвор, 13 по 40 години, шест по 20 години, една од 18 години, две од 14, две од 13, две по 12 години затвор, а четири лица добија ослободителни пресуди.