Ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади на конференција во Багдад соопшти дека ирачките војници воспоставиле целосна контрола на ирачко-сириската граница.

Во пограничната зона беа последните неколку упоришта на таканаречената Исламска држава (ИСИС) на самопрогласениот калиф Ал Багдади.

Ирачкото соопштение доаѓа два дена откако руската војска објави дека ја остварила својата мисија и целосно ја порази ИСИС во соседна Сирија, пренее Би-би-си.

Џихадистичката група во 2014 година освои големи делови од Сирија и Ирак каде прогласи исламски „калифат“ и го наметна своето владеење над околу 10 милиони луѓе.

Но, групата претрпе серија порази во изминатите две години, губејќи го вториот град по големина во Ирак, Мосул во јули и главниот град на „калифатот“, Рака во северниот дел на Сирија минатиот месец.

Некои борци на ИСИС успеале да се скријат низ сириските села, а за други се верува дека избегале преку турската граница.

Се проценува дека од вкупниот број од 1.000 лица кои заминале да се борат на страната на Исламска држава од Балканот, се вратиле околу 300, а околу двесте се убиени.