Македонија е вториот по големина партнер на Бугарија во поглед на извозот од државите надвор од Европска унија. Поголем удел во бугарскиот извоз од земјите што не се членки на ЕУ има само Турција.
„Двомилионската Македонија е поважен стратешки партнер од Руската федерација и е на исто рамниште со Кина“, изјави претставникот на Бугарско-македонски бизнис клуб, Владимир Владимиров.
Според него, размената на стоки меѓу двете соседни земји достигнува 250 милиони евра, со тенденција за значителен раст во наредните години.
Политичките промени и затоплувањето на односите меѓу Софија и Скопје имаат позитивно влијание врз економските релации на двата соседа, смета тој.
„Природно е и во сферата на бизнисот да се мисли за поголем развој на односите меѓу Македонија и Бугарија. Токму заради тоа, Бугарскиот културен клуб во Скопје реши да го преземе чекорот со создавањето на Бугарско-македонскиот бизнис клуб како дел од својата структура“, појасни Владимиров.