Македонските „профи возачи“ ќе можат без проблем да возат во ЕУ

Во скоро време сертификатите со кои ќе се стекнат македонските професионални возачи ќе бидат признати во сите земји од регионот.

Тоа беше најавено на  ЕУ конференција на тема хармонизација на квалификациите на професионалните возачи во Југоисточна Европа на која присуствуваат претставници на Министерството за транспорт и врски на РМ, Академијата на меѓународната унија за патен превоз, Македонија сообраќај и СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ кои се се дискутираат прашањата за усогласеноста на македонската легислатива со Повелбата за квалитет, квалификациите на професионалните возачи и предизвиците со кои се соочуваат македонските транспортни компании.

На конференцијата свое излагање имаше г-дин Патрик Филип од Академијата на меѓународната унија за патен превоз (ИРУ Академија) која ги врши тренинг програмите за професионални возачи на меѓународно ниво. Тој истакна дека според искуствата клучен фактор за безбедност на патиштата е поставувањето на минимум потребни тренинг квалификации за професионалните возачи.

Во Македонија, акредитиран центар на Академијата за меѓународната унија за патен превоз е „Америт“ каде се вршат потребните тренинзи и обуки за професионална компетентност за возачи и менаџери. Во моментот Америт работи на усогласување на стандардите за обука на професионалните возачи и квалификациите на инструкторите кои ги спроведуваат овие обуки до одредбите кои се договорени во Повелбата за квалитет потпишана од сите земји членки на ЕКМТ (Европската конференција на министри за транспорт).

Со тоа ќе се постигне сертификатите со кои ќе се стекнат македонските професионални возачи да бидат признати во сите земји од регионот. Досега македонските сертификати беа признати од земјите членки на ЕУ, но не и од државите од регионот на Југоисточна Европа.

Според г-ѓа Елена Ангеловска Атанасовска од Министерството за транспорт и врски на Р. Македонија, македонското законодавство во голема мера е усогласено со Повелбата за квалитет која ја имаат потпишано земјите членки на ЕКМТ, но останува да се направат дополнувања и измени кои уште повеќе ќе не приближат до истата.