МВР нема дилеми: Медиумите и граѓаните измислуваат за „пајакот“

Министерството за внатрешни работи попладнево преку соопштение категорично ги отфрли, како што велат оттаму, шпекулациите во дел од јавноста дека врз полициската службеничка Јасмина Јаначковска било извршено физичко насилство.

„Исто така, категорично ги отфрламе како невистинити инсинуациите дека врз полициската службеничка е вршен каков било притисок од раководството на МВР во врска со овој настан. Министерството за овој и за сите други случаи настапува максимално транспарентно, со единствена цел јавноста да биде вистинито информирана“, стои во соопштението од Министерството.

Нападнатата полицајка Јасмина Јаначковска денеска за „Макфакс“ објасни дека непотребно се кренала врева за целиот случај со нападот од функционерот на ДУИ, Бекир Асани. Таа тврди дека немало физички контакт во ниту еден момент.

Полицајката рекла дека била во болница, но тоа било превентивно, бидејќи почувствувала болка од ударот, а лекарите утврдиле дека нема никакви повреди. Утрово, по покана од министерот за внатрешни работи, Јаначковска го раскажала случајот и лично му објаснила дека не е повредена, туку сама се удрила.

МВР информираше за средбата и за изјавата на полицајката, по што пристигнаа лавина рекации на социјалните мрежи.

Јаначковска не објаснува како се удрила во возилото „пајак“.