(Не)реалниот страв од gjuhes shqip – колумна на Горан Момироски

Односот на Македонците кон Законот за јазиците кој освен Албанскиот не допира реално ниту еден друг јазик во Македонија не смее да се гледа како едноставно прашање за “про” или “контра”.

Во суштина тој е прашање за нашите стравови, фрустрации, надежи и визии за Македонија.

Стравот е повеќеслоен. Дел од критичарите се плашат дека законот води до губење на “lingua franca” односно на единствениот комуникациски сеуште колку толку функционален канал меѓу двете најголеми етнички групи во земјава.

Ако сега примерот со младиот шаховски генијалец од Дебар кој на 11 години воопшто не го познава македонскиот јазик е редок, во иднина тоа ќе стане редовна појава. Некој ќе рече дека Македонците ќе треба да го научат вториот службен јазик и ќе биде во право. За жал тоа не е можно и заради објективни но и поради субјективни причини.

Јас сум еден од оние што цел живот живеам во доминантна албанска средина, сум работел и сум се дружел со Албанци и сум имал желба и сум се трудел да го научам албанскиот јазик. И пак знам да зборам само “колку да предизвикам тепачка”.

Анимозитетот кај Македонците од ваков закон донесен под класична политичка уцена нема да помогне да се надмине јазот што постои со Албанците не само во јазична смисла. Напротив, граѓаните кои што знаат дека од законот зависи опстанокот на владата и ако предходно немале емоции сега имаат. За жал не позитивни за тие што имаат бенефиции од него.

Една од призмите низ кои Македонците го гледаат законот за јазиците е недовербата дека тоа е крај на процесот на имплементирање на корпусот права што произлегуваат од Охридскиот договор. Предлогот на Мендух Тачи за друг поинаков и подобар закон и делумното незадоволство на БЕСА од овој Закон за јазици може да значи дека утре во услови кога некоја македонска партија на власт ќе биде уште послаба ќе има нов закон. Вакви филмови на “Фљамуртари продукцион” гледавме и предходно. Македонија е уморна од нив.

Недовербата се создава и затоа што и досега албанските ученици односно партиите на Албанците одбиваа децата да учат македонски од прво одделение а од сега нема да го учат ни како што вели законот, од четврто одделение. И навистина нема зошто да го учат ако се следи новиот закон за јазиците.

Вработувања само на Албанци за да се спроведе ЗУЈ е уште еден страв кај Македонците. Покрај “рамковните” административци сега постои страв дека ќе имаме уште неколку илјади “јазицисти” кои ќе ги плаќаме додека “нашите деца седат дома”.

Како човек што се занимава со правата на македонските малцинства во соседството истите права ги очекувам и за малцинствата во земјава. Немам никаков проблем што Талат Џафери зборува или молчи на албански. Редовно гледам дебати на албански јазик на телевизија а и сум учествувал на такви со превод од албански на македонски. Како што за себе барам да можам да зборувам на мајчин јазик, да се нарекувам Македонец така сакам сите други да го имаат тоа право.

Но иако човековите права се бескрајна категорија и за нив не треба да има граница не попусто ги нарекуваат основни човекови права , без разлика дали се индивидуални или колективни.

Македонските закони, устав и толку споменуваниот Рамковен договор јасно укажуваат каде е границата. Со договорот од Охрид воопшто не се предвидува посебен закон за јазици, нешто што сите “про” законот го премолчуваат.

Новокомпонираната “малцинска мајоризација” во Македонија не е ни малку подобра од мајоризацијата на која Албанците се жалеа и сеуште се жалат. Обидот со уцени да се освои се што се може затоа што од нив зависи опстанокот на владата може да има ефект на бумеранг.

Друг страв од Законот за јазици е урнисувањето на правниот систем и уставниот поредок

Во услови кога Прибе бара реформи, уставност, владеење на правото ние отвораме голем судир меѓу ЗУЈ и законите донесени со двотретинско мнозинство. А да не го заборавиме еврокомесарот Хан кој најдиректно ни порача дека имаме други приоритети каде што европското знаменце се користи оправдано, за разлика од ЗУЈ.

Албанската политичка и интелектуална елита мора во својата анализа на последиците да ги пресмета сите стравови кај фрустрираниот Македонец а наскоро не дај боже Новомакедонец или Горномакедонец.

Како што на Македонците им се потребни Албанците за силна и стабилна Македонија така и Македонците колку и да се слаби во моментов им се потребни на сите други заедници во Македонија.

Преплавувањето на голем дел од Македонија со албански знамиња во секоја можна прилика, некористењето на македонскиот јазик во општините каде албанците се доминантни и триумфализмот на албанските лидери не помагаат воопшто во процесот на заздравување и помирување затоа што Македонија сеуште не е залечена од 2001 година.

Ефтиниот популизам на понекохаш умерениот и разбран Ахмети кој сега за ЗУЈ ни порача дека “ќе се зборува Албански секаде каде ќе згази албанска нога” ниту за него веќе не носи поени.

Уште помалку за трговците и бизнисмените Албанци кои со секоја радикална изјава на Ахмети, Села и другите лидери имаат се помалку муштерии Македонци.

Звучи шокантно но тоа се случува. Од двете страни. Познавам луѓе што одамна не трошат пари кај Албанци дури и ако треба да платат повеќе. Познавам и Албанци што не влегуваат во македонски дуќани. Прашање на време е кога овие кампањи за бојкот од темни соби преку социјалните мрежи ќе се префрлат во политиката и економијата како акутен проблем.

Кој може да спори деновите дека нивото на поделба меѓу етницитетите е правопропорционално со нивото на радикализам и триумфализам кај “другите”.

А бизнисот не е единствен кој ќе трпи од растечкиот анимозитет меѓу заедниците. Свесно или несвесно Ахмети и другарите ги уништуваат новиот граѓански мултиетнички дух и енергија кој како нус продукт се јави за време на Шарената Револуција кога припадници на разлилни заедници се договараа и ја уриваа владата. Се разбира на македонски јазик

За десетина години во некоја слична прилика нема да биде можна таква енергија затоа што демонстрантите нема да можат да се разберат меѓусебе.

Една од последиците на ЗУЈ ваков каков што е, ќе биде меѓуетничка комуникација само меѓу политичките и интелектуални елити затоа што останатите нема да можат да комуницираат како соседи. Ако дотогаш воопшто некој остане во чудесната земја Македонија.