„Одземете ја Македонија од историчарите“ – еден поинаков поглед од Софија

Професорот Ивајло Дичев кој предава „културна антропологија“ на софискиот универзитет „Климент Охридски“ е еден од ретките бугарски интелектуалци кој што бара историчарите да немаат значајна улога во надминување на отворените прашања меѓу двете земји.

Во текст објавен од Дојче Веле на бугарски јазик на тема договорот меѓу двете земји, Дичев бара од бугарските власти историчарите да немаат никаква улога во односите со Македонија затоа што во двете искомплексирани држави како Македонија и Бугарија историјата се сведува на херои и гордост.

Тој бара бугарските граѓани да се смират во врска со договорот и покрај романтиката што е присутна во јавноста. Не очекува дека комисијата во која што историчарите ќе го имаат главниот збор да најде заеднички јазик за отворените прашања од историјата.

Дичев дава пример од Канада каде што ескимите ја сметаат територијата за своја затоа што историски им припаѓала а исто се случува и со Велика Британија која што смета дека од нивната територија создала држава.

Професорот кој предава и за универзитети во ЕУ и САД вели дека Македонија ја фалсификува историјата во која со Александар Велики има врска само преку името но истото го прават и другите држави и Бугарија. Причината за тоа е што националниот идентитет на сите земји е мозаик од територијални елементи вклопени во историски конкретни моменти.

„Во Скопје го преведуваат Вапцаров прогласувајќи го за македонски поет а ние се гордееме со Џон Атанасов – американски пејач, кој што нема особена силна врска со татковината на татко му“, вели Дичев.

Апсурдно е да се мисли дека и во случајот со Македонија, една комисија од експерти може да ви каже дека не сте христијанин туку дека сте будист, нешто што Бугарија го правела со своите Турци, смета Дичев според кого Македонците и Бугарите се различни народи.

Во историјата има само два периоди кога двата народи биле заедно тоа е во времето на руската окупација пред 1878 и во втората светска војна за што Бугарија треба да се срами, вели професорот.

„Современите Македонци се различни од нас и признавање на едни или други факти нема да го промени тоа. Идентитетот треба прво да се разбира и уважува“, смета Дичев кој бара Бугарите да запрат со негирање на македонскиот идентитет затоа што тоа довело до тешка омраза.

Според него проблемот на Балканот е што луѓето не научиле да живеат истовремено со неколку различни видови идентитети а причината зошто и покрај сите војни и убиени во поранешни Југославија сеуште луѓето се дружат и се разбираат е што минале долго време заедно. Тоа според него треба да го прават и Бугарите и Македонците а историчарите да молчат односно повеќе да прават а помалку да дрдорат.