Обвинување: Анѓушев добил вицепремиерско место и дозвола за струја во ист ден

Според левичарскиот активист и колумнист на порталот окно.мк  Томислав Захов на првиот ден од новата влада се случил реален судир на интереси во кој е инволвиран вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Захов кој постојано во своите колумни ја критикуваше предходната влада на својот фејсбук профил пишува дека „составот на Владата е избран на 31 мај 2017, а беше објавен во Сл. весник бр. 65 (1 јуни 2017). Само една страница подолу има Одлука на Регулаторната комисија за енергетика (од 31 мај 2017) за давање привремена дозвола за производство на струја на мала хидроелектрана чиј косопственик е г. КОЧО АНЃУШЕВ!?“.

 

 

Во неговитот статус кој го споделува и еден од лидерите на „Левица“ професорот Димитар Апасиев се вели дека „Во Сл. весник бр. 66, ден пред изборот на новата Влада, Регулаторната комисија објавила статус на повластен производител на електрична енергија на друга хидроцентрала каде Анѓушев повторно е косопственик!?“.

Според Захов со тоа вицепремиерот Анѓушев кој во времето на ВМРО – ДПМНЕ беше еден од главните играчи во бизнисот со струја избегнал кривична пријава по службена должност.

„Со тоа во типична буржоаска игра  е изигран законот, бидејќи Регулаторната комисија ги донела одлуките за доделување дозволи за бизнисите на Анѓушев да оперираат пред тој да стане вицепремиер – оти ако овие одлуки беа донесени два дена подоцна, ќе можеше да се покрене кривична постапка, вели во својата реакција Захов кој важи за жесток критичар на политиките на ВМРО – ДПМНЕ.