ОМД бара Нимиц да си даде оставка

Обврска на медијаторот на ОН, е да ја почитува пресудата на Меѓународниот суд за Правда од 2011 година која тврди дека Грција ја прекрши Привремената Спогодба со блокирањето на влезот на Македонија во НАТО, реагира Обединетата македонска дијаспора (ОМД) во последното соопштение и бара оставка од Метју Нимиц.

„Повеќе факти ја наведуваат ОМД на сомнеж за присуство на конфликт на интерес, како на пример: вработувањето на нова секретарка на Нимиц од грчко потекло, и многубројните лични донации во знак на поддршка на носителот на грчката група на пријатели, конгресменката Каролин Малони“, пишува во соопштението на ОМД според која продолжувањето на преговорите за решавање на „спорот“ ОН и медијаторот Метју Нимиц, ја погазуваат Универзалната Декларација за човекови права, каде е вклучен принципот за самоопределување.

Понатаму во соопштението се вели дека 137 земји-членки на ОН, меѓу кои и 4 постојани членки на Советот за Безбедност на ОН, ја признават Македонија под нејзиното име, но ОН сеуште не го менува својот став и преку медијаторот Нимиц инсистира Република Македонија да продолжи со разговори за своето име.

„…потсетуваме дека 23 годишните разговори под покровителство на ОН, не донесоа никаков прогрес на Македонија, а воедно и не навредија нас Македонците, со живеалиште во и надвор од Македонија и поради тоа апелираме до Владата на Република Македонија веднаш да ги прекине разговорите и да поднесе резолуција до ОН со јасно барање да биде призната под Република Македонија, а не привремената референца“.

Од ОМД го потсетуваат Нимиц дека „македонскиот народ во татковината, соседните држави на Македонија и во светот, најостро реагира на кршењето на Универзалната Декларација за човекови права, преку обидот за решавање на спорот за името, како и разговори околу промена на македонскиот идентитет и јазик, што е недозволиво и крајно навредливо“.