Остри тонови меѓу Атина и Анкара

Портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос, ја обвини Турција дека не придонесува за стабилноста во регионот, поради натамошните тензии меѓу Атина и Анкара.

Коментарите дојдоа неколку часа откако еден брод на турската крајбрежна стража имал блиска средба со грчки патролен брод во близина на островот Имиа во Егејското Море.

Инцидентот се случил доцна синоќа, набрзо откако турските воени бродови го спречија дупчењето во потрага по гас од страна на италијанскиот енергетски гигант ENI во економската зона на Кипар .

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ја предупреди Грција, Кипар и меѓународни компании кои истражуваат гас во Медитеранот да не „ја поминат линијата“ и да ги загрозат турските права.

Односите меѓу двете земји одново се вжештени.

Утрово поранешниот грчки министер Теодорс Пангалос околу последните настани во Медитеранот изјави дека „само мртов Турчин е добар турчин“.

Дури и градоначалникот на Солун Бутарис кој предложи ново име за солунскиот аеродром „Македонија“ рече дека Грција не треба да стравува од Скопје туку од Турција.

„Додека ние во Грција ја продолжуваме борбата за спорот со името со Поранешната Југословенска Република Македонија, а сег и скандалот Новартис, грчкиот свет се соочува со зголемена турско непријателство“, коментира „Катимерини“.