Згрозен од палењето на сликата на „премиер на држава“, како што вели, Боки 13 им порача на македонските иселеници од Австралија „да си дојдат овде во нивните села и од тука да си го бранат името!“. Истовремено ги прашува „ако толку си го сакаат името и ако толку си ја сакаат земјата, што не останале овде, зошто се отселиле од Македонија, зошто не останеле овде, па да видат како народов едвај врзува крај со крај!“. И сето тоа во пост на „Фејсбук“ што му претходи на тој со негова фотографија покрај огромен банер на нова ТВ-станица и негов коментар „од денеска мојот животен сон станува реалност!“.

Кога морална вертикала од калибарот на Бојан Јовановски, кој толку многу има направено за Македонија надвор од нејзините граници, за сега да ги впрегне сиот свој грамаден потенцијал и наталожено искуство во збогатувањето на медиумскиот простор во државава со нов субјект, кога тој и таков неспорен авторитет ќе го крене својот глас за некаква девијација во нацијата, нема што да се додаде. Толку е јасно тоа што сакал да го каже, барем исто толку колку што ништо не кажа кога пред насмеаниот „премиер на држава“ беше запалена слика на „претседател на држава“.

Кажа што кажа Боки и тргна лавината. Самоповикани и неповикани љубители на омилениот спорт на добар дел од овдешниот плебс се наредија пред линијата и почнаа да плукаат во далечина, натпреварувајќи се кој од нив ќе дофрли до – Австралија. „Сељаците“ што заминале таму им станаа цел на тукашните „фини господа“, за чиј комплекс на повисока вредност во однос на „сељачааната“ од земјата на кенгурите само небото е лимит. Толку се, нели, супериорни во секој поглед, а пак почувствуваа потреба да им влепат по една воспитна на сонародниците од петтиот континент.

Зошто? Едноставно, поради тоа што наидоа на неочекувана пречка на патот кон замислениот рај по цена и на себеоткажување. Од нигде-никаде им се испречи дијаспората и им ја растури игранката. Тамам се понадеваа дека го задушија внатрешниот отпор со празнењето на енергијата на народот преку ланските седумдесетина дена протести на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и со апатијата што го обзеде по фамозниот 27 април, на сцената стапи македонската емиграција. Не само со сопствените маршови на три континента од јануари наваму, туку и со конкретната поддршка за протестите во вторникот и во неделата во Скопје, таа се промовира во фактор на изненадување, со потенцијал да влијае на крајниот исход на драмата низ која поминува Македонија.

Во ситуација кога безмалку комплетната политичка машинерија во државава работи со полна пареа да нема поголемо бранување при најавеното преименување на државата заради влез во НАТО и во ЕУ, токму дијаспората може да одигра клучна улога. Имуни на закани со бркање од работа ако излезат на протест, на заплашувања со можни провокации и апсења на самите митинзи, иселениците со својата масовност, посебно на собирите во Австралија, полека но сигурно го пробудија борбениот дух и во татковината. Тие што им ја кројат капата и на македонската држава и на македонскиот народ, и одвнатре и однадвор, сакале-неќеле, ќе мора да се соочат со тоа. Ако не сакаат да бидат уште понепријатно изненадени отколку сега со дијаспората.