„Се залагаме за зголемување на бројот на вработени кои ќе придонесуваат во државниот пензиски фонд. Особено на младите и жените преку активни политики на пазарот на труд со обуки и едукација за подобрување на нивните вештини според барањата на пазарот“ се вели во реакцијата на Сојузот на синдикатите на Македонија по предлозите на експертите како да се спасел Пензинскиот фонд на Македонија.

ССМ ја истакнува потребата од изработка на целосна анализа на состојбата со пензискиот систем во земјава, врз основа на која социјалните партнери ќе можат да ги дадат своите предлози во насока на негово подобрување.

Таквата стручната „анализа ќе покаже дали постојат услови и потреба од промена на висината на процентот од плата за придонес за ПИОМ и дали постојат можности дел од евентуално зголемување на овој процент да биде на товар на работодавачите како што тоа е случај во земјите од нашето опкружување“, го пренесе вчера ставот на Сојузот на синдикатите на Македонија, А1.Он.

ССМ реагираше на на предлозите на експерти од „Finance Think“, кои велат дека е неминовно преземање мерки за „спас“ на Пензинскиот фонд во Македонија.

Експертите, имено, предлагаат две мерки: зголемување на придонесот за пензиско осигурување од сегашните 18 на 22 отсто и зголемување на старосната граница за замминување во пензија од сегашните 62 на 64 години за жени и од 64 на 66 години старост за мажи.

Но, од ССМ препорачуваат законски измени согласно кои, покрај возраста, и стажот на осигурување да биде основ за пензионирање, како и за остварување на правото на бенифициран стаж за одредени категории на работници во градежништвото, рударството и други дејности каде тоа е неопходно за заштита на животот и здравјето на работниците.

Синдикалците бараат да се преземат мерки за намалување на обемот на неформалната економија и на нерегистрираните плати, да се спречи емиграцијата на високо едуцирани млади луѓе, повисока продуктивност за повисоки плати.

ССМ, исто така, не се согласува со нереално и необјективно зголемување на пензиите.