Денеска во Нион УЕФА организира нова жрепка и веќе ги извлече можните двојки за третиот круг во Лигата на шампионите и во Лига Европа каде што ние сме застапени со три тима. Така ако Вардар кај најелитните го мине Малме оди на, најверојатно на Копенхаген, помали се шансите тоа да биде Жилина, зошто Данците славеа во првиот дуел во Словачка со 3-1. Термините за тие натпревари се 25 или 26 јули и 1 или 2 август и прво се игра во Данска.
Ако се биде како што тргнало против Хелсинки следениот противник на Шкендија во третото коло во Лига Европа ќе дојде од мегданот на Норчепинг и Тракаи. Во првиот дуел Швеѓаните дома победија со 2-1, а в четврток се игра во Литванија. И конечно ако Работнички биде успешен со Динамо Минск за шест дена тогаш оди на подобриот од тековниот двобој меѓу АЕК Ларнака и Корк Сити. Кипрани за кои настапуваат Тричковски и Мојсов се во добра позиција по гостинската победа од 1-0. Овие натпревари на Шкендија и Работнички впрочем како и тој на Вардар, потсетуваме се условни, и би се случиле на 27 јули и 3 август.