Почина синот на милијардерот со македонско потекло Мајк Илиќ

Роналд Илиќ, 61-годишен син на американскиот милијардер со македонско потекло Мајк Илич, е пронајден мртов во хотелска соба во петокот, една година по смртта на неговиот татко.

Аутопсијата потврди дека нема индиции за насилна смрт, но иако не е објавена официјалната причина за смртта, постои сомнение за предозираност, бидејќи во собата биле најдени наркотици за лична употреба.

Погребот е закажан за в среда во македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ во Диарборн, Детроит.

„Во име на мојата мајка Мериен Илиќ и на целото наше семејство, сакам да ги изразам нашето жалење и тага за смртта на Рон. Уништени сме од оваа загуба и бараме почитување на приватноста на семејството во овие тешки мигови“, изјави братот Крис Илиќ, извршен претседател на „Илиќ холдингс“, бизнис-империјата на неговиот татко, чие богатство во февруари минатата година беше проценето на 6,1 милијарди долари.

Мајк Илиќ, кој почина минатиот февруари на 87-годишна возраст, беше еден од највидните граѓани на Детроит, син на македонските емигранти Сотир и Султана од битолското село Драгош. Богатството го стекна со основањето на ланецот ресторани „Литл Сизрс пица“, за потоа да ги купи хокеарскиот клуб Детроит Ред вингс од НХЛ-лигата, бејзбол-тимот Детроит тајгерс од МЛБ-лигата, а поседуваше и клубови во американски фудбал и во софтбол. Беше и еден од најголемите филантропи во САД.